Гласањето започна на сите избирачки места во општините Тетово, Маврово – Ростуше и во Центар Жупа, информира портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска. Таа соопшти дека до 9 часот утрово поднесени биле вкупно пет приговори за заштита на лично избирачко право, од кои четири во Центар Жупа и еден во Тетово. „Сите приговори се прифатени“, рече портпаролката.
Гугучевска информира дека изборите ги следат 49 акредитирани набљудувачи од една домашна и од една странска организација.
Ппретседателот на ДИК и членови на комисијата се наоѓаат во Тетово и тие со првични согледувања ќе се произнесат по 11.30 часот.
Во Тетово се гласа за избор на нов општински совет откако пролетоска беше распуштен Советот бидејќи не беше изгласана завршната сметка на Општината.
Во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа се гласа на повторени избори за избор на градоначалник, бидејќи претходно немаше доволна излезност од барем една третина од запишаните избирачи.
Во Маврово Ростуше се гласа за двајца кандидати, додека во Центар Жуп само за еден кандидат. Втор круг нема да има во двете општини имајќи предвид дека се пријавени само еден, односно двајца кандидати за градоначалници.