РЕВИЗИЈАТА СО ТРИ НЕПОВОЛНИ, ТРИ СО РЕЗЕРВА И САМО ДВЕ ПОЗИТИВНИ МИСЛЕЊА ЗА ФИНАНАНСИСКОТО РАБОТЕЊЕ НА ПАРТИИТЕ

0
36

Државниот завод за ревизија ги објави ревизорските извештаи од извршената ревизија на финансиските извештаи на сметките за редовно работење на осум политички партии за 2020 година.

Во однос на вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики, државните ревизори издаваат „позитивно“ мислење за БЕСА и ГРОМ, „неповолно“ мислење за ДПА, Движењето за национално единство на Турците и Алијансата на Албанците, додека мислење со „резерва“ државните ревизори издаваат за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Како клучни утврдени состојби за СДСМ, државните ревизори посочуваат дека за дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата не e решен сопственичкиот статус и истите не се воведени во евиденција, како и дека средствата за членарина од секоја општинска организација во вкупен износ се уплатува директно на трансакциската сметка на партијата, поради што не се обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства за членарина.

ДЗР како клучни утврдени состојби за ВМРО-ДПМНЕ, посочуваат дека забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка од 2018 година, влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, како и дека во деловните книги во 2020 година вредноста на имотот е зголемена за пресметаната ревалоризација.

Како клучни утврдени состојби за ДУИ, државните ревизори утврдиле дека уплатени се средства за членарина над законски дозволениот лимит, дека пописните листи не содржат вредносни показатели, податок за локацијата на која се наоѓаат и не се обележани со инвентарни броеви и не е приложена соодветна поткрепувачка документација за дел од фактурите за кои се извршени расходи во текот на 2020 година.

Во извештаите за сите три политички партии, ДЗР како клучни системски слабости, ги нагласува потребата да се преиспита законската одредба во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка, како и допрецизирање во делот на донации од политичка партија, и регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање.

ДЗР во извештајот за Алијанса за Албанците, како клучни утврдени состојби, го посочуваат тоа дека е извршен пренос на средства од сметката за редовно работење од средствата обезбедени од Буџетот на РСМ на сметката за изборна кампања за предвремени избори за избор на пратеници во Собранието на РСМ, кој извор на финансирање за наведената изборна кампања не е дозволен со законот, како и дека евидентирањето на дел од деловните промени и трансакции се врши без обезбедена комплетна документација.

Клучни утврдени состојби за ДПА, е тоа што била необезбедена уредна документација за располагање со паричните средства во готово и не е извршен попис на паричните средствата со состојба на 31 декември.

Во извештајот за Движењето за национално единство на Турците, ревизорите како клучни состојби го утврдиле тоа дека не се применува сметководственото начело на модифицирано настанување на деловните промени/трансакции, дека има неусогласености во финансиските извештаи кои потекнуваат од минати години, како и нецелосно извршен попис на средства, обврските и изворите на средствата.

Целосните ревизорски извештаи се достапни на веб страницата на Државниот завод за ревизија и тоа за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДНЕТ, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците, ГРОМ и ДПА.