И лебот ќе стане луксуз – нов бран августовски покачувања на цените

0
32

Македонските граѓани од почетокот на август се затекнати од нов бран на поскапувања на основните прехранбени производи, како последица на економската криза која што зема се поголем залет. Најголемите стравувања, сепак, се поради поскапувањето на лебот кој рипна дури за 10 денари. Објаснувањето од мелничко-пекарската индустрија е декапричината за поскапувањето на лебот се повисоките цени на струјата и гасот за компаниите кои се повисоки дури и за 100 отсто. Во услови кога цените на се друго вртоглаво растат, прашање е уште за колку ќе рипне цената на лебот и брашното во пресрет на есента.

Цените на рафтовите во маркетите речиси секојдневно се менуваат. Па така во повеќето од продавниците `ржаниот леб скокна на 93 денари, интегралниот од 84, а белиот на парчиња се продава по цена од над 50 денари. Грамажата, пак се чини дека постојано се намалува, така што на едно четиричлено семејство и два леба не му се доволни за да се помине денот.

Нови цени најавуваат и пекарниците – цената на четвртина бурек може да достигне и до 100 денари.

Според Сојузот на синдикатите, цената на лебот за една година е зголемена за повеќе од 100 проценти. Според нив, работниците кои и покрај тоа што работат, од ден на ден се сѐ посиромашни поради тоа што инфлацијата изнесува 14,5 отсто.

„Синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498,00 денари односно за 16 отсто, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари, цената на лебот за една година е зголемена за повеќе од 100 проценти, на маслото за јадење за 94 проценти, на горивата за 64,5 проценти, на електричната енергија за 9,4 проценти, на гасот за 64,6 отсто, а не е намалена на ниту еден производ или енергенс“, реагираат од ССМ.

Извор Дојче Веле