ПОРАДИ ЕУ НЕМА ДА БИДЕМЕ СЛЕПИ И ГЛУВИ ЗА ОКУПАЦИЈАТА ОД ПРОФАШИСТИЧКА БУГАРИЈА И ЗА ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ,РЕЧЕ ПЕНДАРОВСИ

0
23

Претседателот Стево Пендаровски е свесен дека кај македонските граѓани постои страв дека на патот кон ЕУ ќе биде цензурирано нашето историско паметење, но уверува дека историската вистина за бугарската фашистичка окупација нема да биде замолчена, како што кажа, ни со договор, ни со протокол. Утринава на Илинден, Пендаровски постхумно ја одликуваше партизанката Невена Георгиева-Дуња со Орден за воени заслуги, а еден од најзначајните македонски политичари во поранешна Југославија, Крсте Црвенковски, со Орден на Република Северна Македонија. Пендаровски напладне ќе предводи делегација во српскиот манастир „Прохор Пчињски“, како дел од одбележувањето на 2 Август – Денот на републиката.

„Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои страв дека на тој пат кон ЕУ ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да може да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвориме ушите и нема да ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци од генерацијата која на своја кожа ја искусила окупацијата од периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Историската вистина не може да се замолкне ни со договор, ни со протокол. Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Затоа ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината“, кажа претседателот Пендаровски.

Пендаровски потенцираше дека на Свети Илија го славиме нашиот најголем државен празник, затоа што, како што рече, на денешен ден, македонскиот народ и неговите сонародници ги воспоставија своите две републики – Крушевската во 1903-та и асномската во 1944 година.

„Барајќи излез од авторитарните монархии и автократските режими кои систематски го обесправувале, асимилирале и експлоатирале, македонскиот народ спасот го нашол во републиката како најправеден и најпрогресивен државен поредок. Поредок кој требало да му овозможи да има слободна, функционална политичка заедница обединета околу општото добро и јавниот интерес.Крушевскиот манифест ни ги дава контурите на Републиката за која се бореле илинденците – Република положена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера“, наведе Пендаровски, дополнувајќи дека визијата за Републиката е надградена за време на Народноослободителната и антифашистичка војна во која партизаните ги обединија сите прогресивни сили во широк национален фронт. На слободните територии беа воспоставени народноослободителни одбори како никулци на идната асномска република, која по самата своја суштина беше национална и антифашистичка.