Ахмети: Договорот со Бугарија е црвената линија на ДУИ

0
31

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска порача дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија е црвената линија на ДУИ. Тој на новинарско прашање како ја коментира иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за задолжителен референдум за укинување на договорот вели дека договореното со Бугарија треба да се почитува и спроведува.

Според лидерот на владеачката партија, иднината на Македонија зависи од овие договори и референдумот кој би го попречил напредокот кон ЕУ, би значел уназадување на државата.

Нашите црвени линии се да се почитуваат постигнатите договори, договори кои ѝ обезбедија на земјава членство во НАТО, договори кои ѝ обезбедија на земјава отворање на преговори за членство во ЕУ и враќање назад нема, рече Ахмети пред присутните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ги повика премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да го поддржат процесот на организирање на референдум и да не го опструираат во Парламентот преку спикерот Талат Џафери, туку да дозволат најпрвин да се соберат 150.000 потписи, а потоа и да се оди на референдум на кој граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја.

-Претходно правевме многу анкети, многу мерења на јавното мислење и од тие анкети можеме да заклучиме дека огромен процент на граѓаните и тоа повеќе од 60 проценти од Македонците и повеќе од 50 отсто од граѓаните се изјаснија дека поддржуваат Референдум и дека би излегле на таков Референдум да гласаат, посочи Мицкоски.