Премиерот Ковачевски од Белград, каде што учествува на самитот на Отворен Балкан, изјави дека за регионот зимата ќе биде најтешка од Втората светска војна. Тој рече дека за полесно да се излезе од оваа енергетска криза потребна е силна соработка на земјите од регионот и тоа е суштината на Отворениот Балкан.
Албанскиот премиер најави дека трите земји ќе се обратат до ЕУ со писмо за да бараат финансиска поддршка. Само на Албанија ќе ѝ требаат речиси 500 милиони евра.
„Нè очекуваат многу тешки месеци. Ни претстојат 7 многу тешки месеци, а за Албанија тоа во најдобар случај значи близу половина милијарда евра. Тие се потребни за одржување на системот, продолжување на снабдувањето со енергија и поддршка за потрошувачите. Знаете што значи тоа. Повторно упатувам апел до ЕУ да не ни го прави срамот што го направи за време на пандемијата. Добро се сеќавам како балканските земји беа принудени да трчаат во Кина, Русија и Турција за да ја започнат операцијата за спас на медицинските сестри и лекарите со вакцинација, бидејќи ЕУ беше затворена и си гледаше во ѕидините на сопствената тврдина. Ни треба политичка Европска унија за да не се повтори ситуација како во пандемијата“, рече Еди Рама, премиер на Албанија.
Инаку, Еди Рама среде Белград го пофали претседателот на Србија Александер Вучиќ дека преку договорот за минување на границите меѓу Косово и Србија дава сигнали за мир со Косово. Тој рече дека Косово немало да му треба да троши толку време и енергија за да го реши прашањето за движење со лични карти со Србија, доколку беше дел од „Отворен Балкан“.
„Денес со гордост и задоволство сакам да кажам дека дури и решението за движење со лични карти е решение на Отворен Балкан. Вчера му кажав на еден српски новинар дека немаше да има потреба да се губи сета таа енергија што Косово и другите земји ќе ја имаа со Отворен Балкан. За ова сакам да ја изразам мојата почит до претседателот на Србија кој со спроведувањето на ова решение даде многу јасен сигнал до сите. Првиот избор е мир и решение за народот“, додава Рама.
Вучиќ пак, рече дека преку „Отворен Балкан“ Србија, Албанија и С Македонија повеќе се поврзале една со друга и оти нивните односи се на историски максимум.
„И покрај тоа што некои сè уште не се дел од иницијативата, можеби некои други нема да бидат, можеме да развиеме успешна соработка и не верувам дека грешам кога велам дека нашите односи на Западен Балкан меѓу нашите три земји се на ниво на историски максимум. Се сеќавам на првата средба по 70 години по средбата меѓу Тито и Енвер Хоџа, кога се запознавме јас и Еди Рама. Тоа беше средба со извонредна политичка енергија, а денес тие се пријателски средби, нашите бизниси и граѓаните многу подобро се разбираат“, рече Вучиќ.
Инаку, на самитот дојдоа и в.д. премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседавачот на Советот на министри во Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. Поддршка понуди и министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто. Досега Косово и Босна официјално не се приклучуваат на иницијативата, иако претставниците на Сараево веќе по втор пат учествуваат како гости на состаноците на оваа иницијатива.