Заев: Народот нема да го поддржи референдумот на ВМРО-ДПМНЕ

0
26

Поранешниот македонски премиер Зоран Заев денес присуствуваше на доделувањето титула почесен доктор на евроизвестителот за Македонија, Илхан Ќучук од Американскиот универзитет на Европа – ФОН.

Изразувајќи задоволство од ова признание за европскиот известител, тој рече дека тоа е најмалку што може еден од нашите македонски универзитети да го даде на Ќучук, кој што работи не само за Република Северна Македонија, туку и за Бугарија и за целиот регион. Верувам дека неговиот пример ќе го следат сите политичари од Северна Македонија и од Бугарија, изјави Заев.

Оценувајќи ги односите меѓу двете земји, поранешниот премиер оцени дека има позитивно приближување и го поздрави изгласувањето на францускиот предлог и во Македонија и во Бугарија.

„Неодамна се оствари една нова средба помеѓу нашиот премиер и претседателот Радев, секако и бугарскиот технички премиер, веќе работиме на економски проекти и на енергетската криза и на многу други активности. Јас верувам дека се враќаме на патиштата на пријателството, соработката и добрососедството. Многу пати сум кажал, ние сме блиски народи, ние сме со иста заедничка перспектива, наша обврска е да обезбедиме за младите, за идните генерации, за децата да може да соработуваат, да може да се чувствуваат дома кога се во двете земји и да им отвориме подобри перспективи“, рече Заев.

„Стојам на располагање секогаш како поранешен премиер, да бидам од помош во Република Северна Македонија за добрите односи со Република Бугарија затоа што го сакам целиот наш македонски народ, затоа што го сакам целиот бугарски народ, а можам да бидам навистина од помош и во деловната соработка заради тоа што веќе се вратив во бизнисот и работам економија“, изјави тој.

На новинарското прашање за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ, Заев оцени дека над 75 проценти се против ваквата иницијатива за референдум, а 25 проценти како што рече се „за“ заради тоа што се членови на ВМРО-ДПМНЕ и ја следат својата партија.

„Во светот не постои пример некој да е против пријателство, против добрососедство и против соработка. Нашиот македонски народ и сите етнички заедници во Република Северна Македонија тоа нема да го поддржат, затоа што ние се радуваме на подадената рака, на пријателството, на соработката, затоа што конечна цел и задача на сите, а најмногу на политичарите е да обезбедат иднина за својот народ, за целиот регион, за целиот европски континент, и да дадат позитивен пример на светско ниво во политиката. Убеден сум дека нашето пријателство, добрососедство и соработка во иднина ќе биде пример и од тој аспект, јас како поранешен градител на тоа пријателство, потписник на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Република Бугарија како премиер на Република Северна Македонија, испраќам порака до политичарите и во Северна Македонија и во Бугарија, да го негуваат добрососедството, пријателството и соработката“, порача поранешниот премиер.

На прашањето на бугарските новинари има ли во Македонија политичка волја за промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство, Заев одговори дека верува дека има. „Во нашиот Устав имаме седум етнички заедници и други заедници. Се работи за впишување на наши граѓани со бугарска самосвест, како што има во Хрватска и други земји, и мислам дека тоа прашање треба час побрзо да се реши. Ќе ја земам за пример една Хрватска која е членка на ЕУ и која што има искуство како нашето со мултиетничко општество, има 24 етнички заедници во нивниот устав. Ние го разбираме бугарскиот устав, тој е поразличен од нашиот Устав и по линијата на Франција, Америка и на други, ние сме мултиетничка земја и верувам дека тоа е нашето што треба час поскоро да го направиме затоа што час поскоро ќе чекориме и кон отворањето на поглавјата за Северна Македонија“, рече тој.