Можни се немири во оваа сложена есен и тешка зима, смета Мицкоски

0
34

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека поради енергетската и економската криза очекува да имаме сложена есен и тешка зима со многу немири.

Според него, претстои тежок и предизвикувачки период, а Владата не презема мерки ниту политики со кои би се ублажила состојбата.

„Ќе биде жестоко. Енергетската криза постепено се трансформира во економска и очекувам да има немири. Сега календарски уште сме лето, а сè потешко се живее. Ценам дека периодот што следува навистина ќе биде тежок и предизвикувачки, а од Владата не гледам некакви мерки или политики со кои би се ублажило сето ова. Очекувам прилично сложена есен и тешка зима со многу немири“,истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Штип.

Според Мицкоски, за Македонија да ги помине оваа и следната година ѝ се потребни најмалку две и пол милијарди евра.

„Ценам дека за да се поминат оваа година и следната, најмалку ќе бидат потребни 2,5 милијарди евра, бидејќи постепено енергетската криза се трансформира во финансиска“,вели Мицкоски.

Тој направи кратка математика за тоа зошто се потребни токму 2,5 милијарди евра.

„Еве, ќе ви направам една кратка математика. Само за затоплување во Скопје, за набавка на гас, на кој топланите би работеле, ако користиме гас, потребни се 250 милиони евра. На почетокот од следната година ни достасува државна обврзница во вредност од 450 милиони евра, денеска буџетскиот дефицит е околу 350 милиони, а до крајот на годината ќе стигнеме половина милијарда. Еве, веќе дојдовме до приближно 1,2 милијарда евра. Ако на ова се стават 300 милиони што самата Влада рече дека ќе ѝ бидат потребни за набавка на струја, мазут и јаглен, доаѓаме до 1,5 милијарда, а сè уште календарски не сме до 2023 година. Сега и во 2023 година ќе им треба повторно гас, ќе им треба повторно струја, јаглен, мазут, буџетски дефицит, затоа велам, за да се преживее, сега ние не велиме за да живееме, за да преживее и граѓаните да можат да ја поминат годината, ќе ни бидат потребни најмалку 2,5 милијарди евра за оваа година и за следната 2023“,објасни Мицкоски.