Најбогатите скопјани најмногу го загадуваат воздухот. Без да размислуваат како тоа влијае на животната средина, се греат на начин кој за нив е најдобар а не најеколошки. Најсиромашните, пак, имаат највисоко ниво на еко практики и однесувања и најмногу штедат струја и вода, покажало последното истражување на Македонската платформа против сиромаштија. Тие го загадуваат воздухот само зимно време бидејќи за греење користат меѓу другото гуми и пластика оти немаат пари да си купат дрва или воопшто немаат пари за си обезбедат шпорет за греење. Средната категорија на семејства, пак обично користат централно градско парно за затоплување на домот, ама повеќе трошат струја и вода.
Разликите се многу големи и во однесувањето за потрошувањето спрема потрошувачката на енергија, меѓутоа се огромни во однос на можностите и изборите кои тие ги имаат. Ние во таа анализа се водевме по методот „COM-B“, можности, мотивација и избор, и од тука заклучивме дека она што сега се случува и сега го имаме како мерки за намалување на загадувањето не се доволни бидејќи не ја таргетираат целата популација туку само еден дел од неа може да ги искористат мерките вели Билјана Дуковска- Претседателка на Македонската платформа против сиромаштија.
Препораките велат дека за најсиромашните семејства треба да има субвенции со кои ќе им се помогне да ги задоволат основните потреби за енергија, вклучително и пристап до гориво за греење. На најбогатите да им се влијае со јавни кампањи за заштеда на енергија во домаќинството. На сите категории, најмногу на граѓаните кои примаат од 25 до 40 илјади денари месечно, им требаат мерки за помош и полесен пристап до енергетски ефикасни апарати за домаќинство, проширување на топлификационата мрежа, но и да се врати дневната ниска односно евтина тарифа.
Луѓето кои што немаат пристап до централно греење самите неможат да го изградат тоа. Значи за да се случи тоа мора да постои прво стратешки пристап, второ политичка волја, значи не зборувам партиска, туку политичка во смисла на намалувањето на загадувањето во градот, во која ќе се инвестира различни фондови од различни места, и преку различни пристапи ќе се влијае – рече Билјана Дуковска- Претседателка на Македонската платформа за сиромаштија.
Заклучокот на истражувањето вели дека погрешно е тврдењето дека сиромашните се проблем и причина за загадувањето во градот, бидејќи на нив им фалат пари за основните животни потреби, постојано штедат и немаат речиси никаква можност да придонесат во намалување на генералното загадување. Спротивно, граѓаните кои имаат приходи доволни за повисок квалитет на живот, покажуваат негрижа за животната средина. Втората група е растргната помеѓу потребите и можностите, но кај нив има најголем простор за менување на навиките.