Владата ќе откупува македонско јаболко и ќе им го дава на учениците за ужинка

0
21

Владата на последната седница ја усвои Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година со која ќе овозможи околу 186 000 ученици во 350 училишта за ужина да добиваат домашни, македонски јаболка.

-Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022. Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца, информира министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Откупот ќе чини 20 милиони денари, а според Николовски тоа ќе ја поттикне и потрошувачката на свежо овошје.
„Станува збор за нова програма со која овозможуваме финансиска поддршка за откуп, дистрибуција и пакување на јаболко од реколта 2022 година, а целата откупена количина на јаболка ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државни основни училишта во Република Северна Македонија, најдоцна до 15 декември 2022 година“, додаде Николовски.