Четирите окупирани украински региони денеска ќе бидат припоени кон Руската Федерација

0
17

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во 14 часот по средноевроспко време, на церемонија во Големата сала во Кремљ, ќе ги припои кон Русија четирите окупирани украински региони-Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера најави дека Путин ќе ги потпише документите за анексија во присуство на лидерите на четирите региони кои се назначени од Москва, а потоа ќе одржи и говор, додека за вечерва е планиран концерт на Црвениот плоштад.

Путин синоќа ги потпиша указите за признавањето на Херсон и Запорожје како независни држави, што е предуслов регионите да поднесат барање за приклучување кон Руската Федерација. Регионите Луганск и Доњецк веќе се признати од него како независни држави уште во февруари годинава, кога Русија ја почна својата инвазија на Украина.

Руските окупаторски власти во регионите Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон минатата недела одржаа референдуми за напуштање на Украина и приклучување кон Русија. Имаше извештаи дека граѓаните биле принудувани да гласаат, понекогаш и под закана со пиштол.

Украина и западните сили го осудија петдневното гласање што заврши во вторникот, соопштувајќи дека нивниот резултат од повеќе од 99 отсто поддршка за отцепување никогаш нема да биде меѓународно признат.

Рускиот лидер минатата недела изјави дека Москва ќе ги смета украинските напади врз припоените региони како напади врз самата Русија и дека ќе ги искористи сите средства за да ги одбрани – продлабочувајќи ја загриженоста дека Русија може да го употреби своето нуклеарно оружје.