Арсовска: Градот Скопје има непречено, квалитетно и континуирано снабдување со вода

0
54

Градот Скопје има непречено, квалитетно и континуирано снабдување со вода, истакна градоначалничката Данела Арсовска, на денешната прес-конференција во врска со информациите кои што кружат во јавноста за наводни проблеми во функционирањето на ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје.

– Би сакала да ја разјаснам состојбата во која што се наоѓаат јавните претпријатија во градот Скопје со оглед на фактот што изминатите неколку денови на големо се шират бројни шпекулации за наводни проблеми во функционирањето. Ова конкретно се однесува на ЈП „Водовод и канализација“ и во овој момент би сакала да ја информирам целокупната јавност дека наспроти паниката која што сакаа да ја креираат неколкумина инструментализирани лица, градот Скопје има непречено, квалитетно и континуирано снабдување со вода, рече таа.

Според Арсовска, нападите и заканите за блокади на претпријатието доаѓаат во момент кога е најавена департизација на градската администрација и на градот Скопје, а воедно и има најава за оптимизација на работните процеси.

– Во конкретниот случај, она кое што сакам да го потенцирам е дека овие лица кои наводно се борат за работничките права на 10-тина вработени треба да бидат доблесни и во целост да ја кажат вистината, зошто ова што се случува во овој момент, а кое што најавуваат дека ќе го прават во сите јавни претпријатија, не е нешто кое што е борба за работничките права, туку, доколку го тргнеме политичкиот момент и нападот на мене како градоначалник и на градот Скопје затоа што очигледно политичките елити тука во Македонија не можат да се пресметуваат на друг начин и сега се обидуваат преку директни пресметки да одат со тоа што ќе ги инструментализираат сите овие организации против мене, она кое што сакам да го потенцирам е дека работниците не треба да се стават во нивна функција и да бидат нивна маша за политички пресметки, рече таа.

Арсовска апелираше до надлежните институции, до Јавното обвинителство и до сите оние кои што сметаат дека најавениот прекин на водоснабдувањето во градот Скопје е одредена индиција за планирање на попречување на работата на јавното претпријатие и на прекин на водоснабдувањето, да преземат соодветни дејствија како би се превенирала реализацијата на заканата.

– Поради тоа што се претворило во биро за партиски вработувања ЈП „Водовод и канализација“ во изминатите години не ги врши своите основни функции, а тоа е да инвестира и да гради во водоводна инфраструктура. Имаме недостаток, односно дефицит на лица кои што работат како водоводџии, како технички персонал, а за сметка на тоа огромна е бројката на оние кои што работат во администрација. Затоа што нема доволно технички персонал сите кои што треба да работат во делот на ангажман на обезбедување на оваа водоводна инфраструктура, на фекална, на атмосферска канализација се фирми организирани од надвор. Тоа значи дека во исто време и се плаќаат над 1.250 вработени во ЈП „Водовод и канализација“ и затоа што овие лица се администрација наместо технички лица во исто време се плаќа и од надвор фирми кои што треба да ја работат оваа дејност наместо истото го работи ЈП „Водовод и канализација“, посочи Арсовска.