Скандал го тресе Вевчани. Лекар 6 години без диплома и завршен медицински факултет работел во Итната медицинска помош при Здравствениот дом во Вевчани и ги лекувал жителите. Како што дознаваме од извори на Сител станува збор за 33 годишно лице кое оваа дејност ја извршувало од 2016 година а било откриено сосема случајно преку системот од лекарската комора. По приложени документи бил примен на работа но најверојатно станува збор за фалсификувани. Надлежните го истражуваат случајот се „чешла“ целата документација во ординацијата каде работел лекарот со спорна диплома.
Директорот на Здравствениот дом, Јован Стојкоски вели дека до до завршување на истрагата не смее да дава повеќе информации.
– Во тек е истрагата се додека не заврши не смееме да даваме информации за случајот ниту па да го коментираме кога ќе заврши истрагата и ние ќе излеземе со подетални информации, истакна Стојкоски.
Вевчанци се шокирани и во паника бидејќи со години ги лечел лекар без диплома. Иако од страна на пациентите за овој период додека работел немало никакви претставки против него сепак тие велат дека недозволиво е да ја извршува оваа дејност без соодветно образование.
Лекарот веќе една недела не работи, додека се испитува случајот. Сепак останува отворено прашањето како младиот лекар ги набавил лажните документи и шест години никој не ја открил неговата измама.
Од полиција пак велат дека работат на расветлување на случајот и на утврдување на околностите. Инаку, во Здравствениот дом се лечат пациенти од Охрид, Струга и околните места.
Сител Телевизија