Груби останува шеф на кабинетот на Ахмети

0
50

Портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи соопшти дека на седницата на централното претседателство завршени се две од предвидените три точки од дневниот ред и дека избрани се 16 секретари за ист број партиски секретаријати.

Артан Груби е избран за шеф на кабинетот на лидерот на партијата Али Ахмети, Бујар Османи за портпарол на партијата, а за заменик портпарол на партијата Арбр Адеми.

Според Османи, едногласно се избрани сите советници во кабинетот на Ахмети и сите секретари во секретаријатите.

„Се одеше по предложениот дневен ред односно се разговараше за актуелната политичка состојба во земјата со акцент на евроинтеграциите на создадениот политички моментум во евроинтеграциите определувајќи ја 2030 како година кога земјата треба да стане членка на Европската унија. Со тоа уставните измени и самите преговори остануваат главен приритет на партијата во наредниот период, а очекуваме и главен општествен приоритет“, изјави Османи.

Третата точка предвидена за презентација на извештајот за работа на министрите, заменици министри и државните секретари, според Османи, може да трае со часови.

„Во моментот, првиот вицепремиер го дава извештајот. Извештајот е во писмена и во усна форма. Очекуваме да се развие дебата по сите аспекти. Ова се разбира е додадена вредност во партијата со вклучување на сите членови во евалуација на работата на избраните функционери. Писмен извештај ќе биде споделен и до новинарите со цел и вие да се вклучите во евалуација на работата. Мислам дека воведуваме нов квалитет во проценката на отчетноста на избраните функционери, не само пред структурите на партијата, туку и пред јавноста“, рече Османи.

Меѓу избраните секретари се Теута Арифи во секретаријатот за образование и наука и Невзат Бејта за локална самоуправа.