Повторно се случи знаме на држава на официјална средба да биде згрешено. Протоколот во Министерството за надворешни работи во кабинетот на министерот Бујар Османи на официјалната тет-а-тет средба со неговата словенечка колешка и вицепремиерка во Владата на Словенија Тања Фајон постави знаменце на Словачка, наместо на Словенија. Знае ли шефот на македонската дипломатија Османи како изгледа знамето на Словенија? Ако знаел можел да реагира доколку фрлил поглед кон поставените знамиња. Или, од почит, погледот не го симнал од соговорничката?
Во официјалното известување од средбата на Османи со Фајон не е испратена и фотографија од разговорите во кабинетот во МНР, туку од прес-конференцијата, од покривот на зградата на МНР, како и една заедничка кога двајцата државници стојат пред големи знамиња. Но, од телевизиите кои направија инсерти од кабинетот, го „фативме“ знаменцето.
Ваквите грешки се сметаат за сериозен дипломатски инцидент, може да се нарече и гаф. Може да се нарече и со повеќе други зборови. А може и едноставно да се каже дека Македонија претрпе уште еден срам.
Дали Фајон му забележала на Османи дека таа не е вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Словачка, туку е на Словенија, односно дали културно му забележала дека е направена забуна со знамињата, не знаеме. Можеби и нема да дознаеме.
Но секако е грешка на протоколот во МНР. Дали на вработени во протоколот им е потребна обука? Изгледа да, иако тоа треба да бидат прекалени професионалци.
Неодамна, кога се дигна врева за поранешната млада ТВ-водителка Бесмира Јакупи затоа што е вработена без конкурс во МНР и без какво било дипломатско искуство, министерот Османи тоа го потврди велејќи дека таа е преземена од министерството кое го води неговиот сопартиец Артан Груби и дека е назначена во протоколот.
„Таа работи на најниска позиција како соработник за протокол“, изјави Османи одговорајќи на новинарско прашање.
Дали Јакупи била оставена да го направи „изборот“ на знамиња, не знаеме, но дека во проколот нешто не функционира како што треба, е очигледно.
И за жал, не е првпат Македонија да се „слизне“ на прашањето на познавањето на знамињата на државите од светот.
Кога дојде тогашниот австриски премиер Себастијан Курц беше пречекан со знаме на Летонија. Амбасадорот на Франција Тимоние во Охрид го пречекаа со знаме на Холандија. И имаше и други скандали…како и погрешни химни за странски државници.