Фотографија на социјалните мрежи го отвори прашањето дали се шири „огнената група“ против Артан Груби и дали тоа може да го заниша владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ и „огнените“ интегративци да бараат реконструкција на Владата за да се сменат Груби и други министри, а на нивно место да дојдат кадри од групата. Двајца од потписниците на писмото, пратеникот на ДУИ, Изет Меџити и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, ја споделија истата фотографија заедно со пратеникот Кастриот Реџепи и напишаа „заедно“. Нема потврда дали приклучувањето на Реџепи е најава дека незадоволните членови на ДУИ ќе формираат пратеничка група. Реџепи моментно настапува како независен пратеник во Собранието, по неговото исклучување од движењето „БЕСА“, откако лани го наруши планот на опозицијата да го преземе мнозинството во Собранието и да ја урне владата.
Кастриот Реџепи е трет пратеник во огнената група на ДУИ, а се шпекулира и со името на Скендер Реџепи кој уште летово ја напушти пратеничката група на Алтернатива и најави делување како независен пратеник, но во рамки на владејачкото мнозинство, пишува Прес24. Порталот анализира дека доколку овој пратеник и даде поддршка на „огнената група“ тоа ќе бидат веќе 4 пратеници што значи дека на Ковачевски и Ахмети ќе им остане поддршка од само 60 гласа во Собранието. Во такви услови, под знак прашалник е како ќе функционира коалицијата на СДСМ и ДУИ која нема да има мнозинство. Прв тест ќе биде гласањето на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа.
Премиерот Димитар Ковачевски, сепак, денеска порача дека во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства. На забелешката дека функционери на СДСМ најавиле „мали промени“ во Владата, Ковачевски потенцира дека станува збор за „многу мали промени“.
– ЈАС СМЕТАМ ДЕКА ЌЕ БИДАТ МНОГУ МАЛИ, СО ОГЛЕД НА ТОА ШТО ВЛАДАТА ФУНКЦИОНИРА ВО ПОЛН КАПАЦИТЕТ И ГИ ИЗВРШУВА СВОИТЕ ОБВРСКИ И ЈА РЕАЛИЗИРА ПРОГРАМАТА ТАКА КАКО ШТО Е ДОГОВОРЕНО, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ.
Во Собранието се уште не е доставена оставката на министерот за локална самоуправа Горан Милески и не се знае кога ќе биде изборот на новиот министер Ристо Пенов од Либерал-демократската партија. Премиерот Ковачевски рече дека изборот ќе се координира со претседателот на Собранието во однос на закажување на седниците.
Вицепремиерот Артан Груби, кој беше прозван во писмото што го објави „огнената група“ порача дека ДУИ има цврсти позиции во Владата, бидејќи партијата е носител на значајни проекти. Груби уверува дека нема раскол во ДУИ, но за прв пат по внатрепартиските превирања вели дека партијата може и без него.
-НЕМА РАСКОЛ ВО ДУИ. ПА, НЕЛИ, ВИДОВТЕ ДЕКА СИТЕ БЕА ПОСТРОЕНИ ЗАД АЛИ АХМЕТИ. ДУИ МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРА И БЕЗ МЕНЕ. НЕ САМО ДУИ, КОЈА БИЛО ПАРТИЈА, КОЈА БИЛО ИНСТИТУЦИЈА, КОЈ БИЛО ОПШТЕСТВЕН ПРОЦЕС МОЖЕ БЕЗ СЕКОГО. НИКОЈ НЕ Е НЕЗАМЕНЛИВ. НО, СЕ НАОЃАМЕ ВО ПРЕСУДНИ МОМЕНТИ, ТРЕБА ДА ДАДЕМЕ ПРИДОНЕС ЗА ДА ГИ НАДМИНЕМЕ СИТЕ КРИЗИ И ЗА УСПЕШНО ДА ГИ РЕАЛИЗИРАМЕ ПРОЕКТИТЕ. ЈАС ИМАМ НАЈМАЛКУ ЗАСЛУГИ, НАЈМНОГУ ИМААТ АЛИ АХМЕТИ, ГРАЃАНИТЕ И НАРОДОТ КОЈ НЀ ГЛАСАЛ. СИТЕ ДОСТИГНУВАЊА НА ДУИ ГО НОСАТ ПОТПИСОТ ОД 2002 ДО 2022 ГОДИНА, РЕЧЕ ГРУБИ.
Во меѓувреме, „oгнената група“ доби директорски места во градските претпријатија, а дел од петтемина советници на ДУИ во Град Скопје се меѓу потпишаните на писмото од „огнената група“ и важат за блиски луѓе на Иџет Меџити и на Блерим Беџети.
Претходно, претседателот на ДУИ, Ахмети, се сретна со членовите на партиските ограноци од Чаир и од Сарај потпишани на писмото на незадоволните и уверува дека низ дебата работите ќе се поправат. Тој не очекува формирање нова партија, туку истакна дека има меѓучовечки односи што не се добри, но не во целина, туку се одредени луѓе и овие работи треба да се поправат.
– СО ОВИЕ ПРЕСМЕТКИ СЕ ЗАНИМАВАМ ВЕЌЕ 20 ГОДИНИ. ИЗВРШНАТА ВЛАСТ ИМА ДРУГИ ПРОБЛЕМИ, ОРГАНОЦИТЕ И ОПШТИНИТЕ ИМААТ ДРУГИ ПРОБЛЕМИ И ПРИРОДНО СЕ ПОЈАВУВААТ ПРОТИВРЕЧНОСТИ МЕЃУ ОВИЕ ИНСТИТУЦИИ. СО ИЗВРШНАТА ВЛАСТ, РАКОВОДИТЕЛИТЕ НА ОГРАНОЦИТЕ ЗБОРУВАВМЕ ДА СЕ СРЕДАТ ТИЕ НЕЈАСНОТИИ, НЕДОРАЗБИРАЊА. ВО СПРОТИВНО, НЕМА НИШТО ЗАГРИЖУВАЧКО, ИЗЈАВИ АХМЕТИ.
Пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, по средбата со партискиот лидер порача дека остануваат на своите барања што беа изнесени во писмото и дека како што може партијата без нив, така може и без Артан Груби, првиот вицепремиер, кој во објавеното писмо беше посочен како одговорен за состојбите во партијата.
– БЕЗ НАС Е МОЖНО ЗАТОА ШТО НИКОЈ НЕ Е НЕЗАМЕНЛИВ, НЕ САМО ВО ДУИ ТУКУ ВО КОЈ БИЛО ПРОЦЕС, ТАКА ШТО Е МОЖНО БЕЗ БЛЕРИМ, ИЗЕТ И МУСА, МОЖЕБИ БЕЗ АРТАН. МИСЛАМ ДЕКА ДУИ РАБОТЕШЕ И БЕЗ АРТАН, И РАБОТЕШЕ ДОБРО, УСПЕШНО, ПОБЕДА ПО ПОБЕДА И САКАМЕ ДА ЈА ВРАТИМЕ ДУИ КАКО ПОБЕДНИК ВО АЛБАНСКИОТ ТАБОР, РЕЧЕ МЕЏИТИ ПО СРЕДБАТА.
„Војната“ во ДУИ започна откако дваесетина долгогодишни членови и функционери на партијата се потпишаа на отвореното барање за одговорност од функционери на извршната власт и смена на Артан Груби. Тие обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување и кадровските решенија, како што велат, станале индивидуални и се привилегија само на Артан Груби. Тие го повикаа лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство.