Лажно интерпретирана фотографија е дел од пропагандата поврзана со војната во Украина

0
111

Во објавата на Фејсбук манипулативно се тврди дека фотографијата од Украина покажува ‘жена која се враќа од пазарење‘, а со тоа се инсинуира дека ситуацијата каде што е снимена фотографијата не е страшна и опасна по живот. Всушност, станува збор за исечок од видео сторија на британската телевизија BBC, односно новинарско известување од украинскиот град/предградие Ирпин, во близина на Киев, каде што во март се водеа жестоки битки меѓу руските и украинските сили. Во тој период и тоа токму на ова место, во близина на срушениот мост кој ги спојуваше Ирпин и Киев, имаше прилично жртви додека жителите на Ирпин, меѓу кои и жената од фотографијата, бегаа од родното место, понекогаш и додека паѓаа артилериски гранати, немајќи друг избор

 

На Фејсбук објава се тврди дека медиумите објавуваат исценирани фотографии од војната во Украина и дека лажно се претставува оти таму се водат жестоки борби.

CNN известува од украинскиот фронт каде во тек се жестоки борби, а во позадина бабичка се враќа од пазарење, пишува во објавата.

Ова тврдење се базира на објавена фотографија на која што се гледа новинар, облечен во заштитна опрема, со панцир и кацига, како известува од Украина легнат на земја, а во позадина се гледа жена со торби во рацете.

Она што е манипулативно во тврдењето е дека ‘жената се враќа од пазарење’, а со тоа се инсинуира дека состојбата каде што се снимена фотографијата е исценирана, односно дека ситуацијата на теренот не е страшна и опасна по живот.

Што навистина покажува фотографијата?

Прво, оваа фотографија не е дело на американската телевизија CNN, како што се тврди во објавата. Ова е исечок од видео сторија на британската телевизија BBC, објавена на 6 март 2022 година.

Станува збор за новинарско известување од украинскиот град Ирпин, во близина на Киев, кој на почетокот на инвазијата се наоѓаше на линијата на фронтот меѓу руските и украинските сили.

Бoрбата кај Ирпин беше дел од офанзивата на руската армија кон украинскиот главен град Киев, кој се наоѓа на само 21 километар. Битката траеше од 27 февруари 2022 година до 28 март 2022 година и заврши со повторно заземање на градот од страна на украинските сили. Оваа борба беше дел од тактиката да се опколи Киев. Вооружените сили на Украина се спротивставија на рускиот напредок во западните предградија на главниот град, какви што се Ирпин, Буча и Хостомел.

Првично, на 6 март 2022 година, руските сили зазедоа дел од Ирпин. Утрото, Олексеј Кулеба, украинскиот воен командант на градот, изјави дека многу патишта за евакуација надвор од градот се небезбедни. На 28 март, градоначалникот на Ирпин, Олександр Маркушин на социјалните мрежи објави дека Ирпин бил повторно заземен од украинските сили. Телевизијата CNN ја потврди украинската контрола врз градот на 31 март.

Украинските сили за време на борбата го разнесоа и мостот во Ирпин за да го запрат руското напредување, по што речниот премин стана меѓународно познат како ризична рута за бегство од соседната Буча, местото на многу од наводните руски воени злосторства.

Новинарот кој е прикажан на фотографијата е дописникот на Би-Би-Си, Џереми Боуен, кој сведочи за тоа како жителите тогаш се обидуваа да побегнат.

Притоа, во прилогот за кој пишувавме погоре, а кој содржи и вознемирувачки фотографии од цивилни жртви, може да се забележи жената за која манипулативно и невистинито се тврди дека „се враќа од пазарење“. Таа, всушност, е една од многуте цивили кои се обидуваат да го напуштат родното место и да побегнат од гранатирањето. Значи, таа поминува тука не затоа што сака, а особено не затоа што се „враќа од пазарење“, туку затоа што мора да ог напушти родното место за да си го спаси животот. И работите што ги носи со себе не се купени на пазар, туку тоа се основните потребштини што таа жена успеала да ги земе и понесе со себе додека е во избеглиштво. Aко, пак, наместо фотографии, била споделена сторијата на Би-Би-Си, ќе можеше да се забележи дека жената и луѓето зад неа се на земја и чекаат да запре пукањето и артилериските гранати за потоа да станат и набрзина да го поминат овој опасен дел од патот.

Доколку се погледне сторијата на Би-Би-Си, која трае речиси четири минути, се сфаќа контекстот на фотографијата која манипулативно и лажно се шири на социјалните мрежи.

Во видеото се прикажани повеќе жители на Ирпин, меѓу кои и деца, како панично трчааат, обидувајќи се да побегнат, држејќи во рацете само неколку лични предмети, додека во позадина се слушаат пукотници. Сторијата во која има вознемирувачки сцени покажува и како семејство, од мајка, татко и две деца, загинуваат при овие напади.

Жената од фотографија е дел од овие цивили кои се обидуваат да побегнат за да останат живи, а не станува збор за жена која се враќа од пазарење, како што невистинито се тврди во објавата.

Ваквото исмевање на вистинската, реална ситуација и војната што се случува во Украина и каде што секојдневно загинуваат цивили, во најмала рака е невкусно и нечовечно.

Целта на вакви лажни објави и пропаганда е да се убеди јавноста дека во Украина ситуацијата не е драматична и да се релативизираат и потценат штетите што ги предизвикува војната.

Со оглед на сите овие факти и аргументи, оценуваме дека оваа објава е манипулативна, односно дека ѝ недостига контекст.

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.