МНР немо и глуво и за вандализмот врз македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Македонските власти повторно неми пред бугарските провокации. Ниту најновиот потег со вандализирањето на се уште неотворениот македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, не беше причина за властите во Скопје да решат да проговорат. Прашавме во МНР дали конечно ќе реагираат, сега за остранувањето на буквата М од македонски, но како што веќе стана и пракса на ПР службата во министерството на Бујар Османи, со одговор не бевме удостоени.

Додека официјалните лица во Скопје молчат, реагираат Македонците од дијаспората. Од здружението Нов Асном велат дека овој чин на вандализам е напад на меѓуетничката толеранција во Бугарија, чија Владата не ги осудува ваквите акти и со самото тоа дава поддршка на оние кои го сториле овој вандалски чин.

-Нашата Влада мирно и кротко си молчи на агресивната етничка нетрпеливост манифестирана против Македонците во Бугарија, ефективно спроведувајќи го Бугарскиот Договор, точката 11 алинеја 5 од истиот. Со тоа, владата на земјата чие име Северна го мразиме, се става на страната на тие што ја подгреваат етничката нетрпеливост во Бугарија, велат од Нов Асном.

Молкот е главниот адут на МНР кога се во прашање секојдневните бугарски провокации. Но, не секогаш е така, Министерството на Османи еднаш реши да не почести со реакција, испраќајки жестока критика кон македонските фудбалски фанови, бидејќи ја исвиркаа бугарската химна на натпреварот меѓу Македонија и Бугарија во Скопје.

Иакот фактите говорат едно, а тоа е дека молкот е главниот адут во гардот на МНР, за премиерот Димитар Ковачевски постои некоја друга вистина, која сепак никој не може да ја види.

-Не е точно дека не сме реагирале, ние секогаш сме реагирале кога има дејствија кога се нарушува углед по било кој основ. МНР реагираше, но реагиравме и на друг натпревар во којшто играа репрезентациите, но сепак сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат пратениците. Тоа важи за нас секако, но важи и за нашите противници, изјави Ковачевски по мечот со Бугарија.

МНР осуда не испрати ниту за отворањето на бугарски културни клубови среде Македонија со спорни историски имиња, ниту за ширењето говор на омраза на бугарски активисти на социјалните мрежи. Иако барања за одговори од медиумите пристигнуваат секој ден, тоа не е доволно Министерството за надворешни работи барем еднаш да реши да реагира.

 

Извор ТВ Алфа