Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека има податоци дека 123 именувани функционери кријат имот вреден 30 милиони евра

0
65

Вкупно 123 државни функционери, директори, раководители на институции и комисии поседуваат куќи, станови, викендици и деловни простории, вредни 30 милиони евра, кои не ги пријавиле во анкетните листови – обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во аферата што ја нарекоа “Тајни имоти”. Тврдат дека се работи за функционери од СДСМ и ДУИ кои ги прекршиле законите, поголемиот дел од нив именувани директно од Владата. Пратеникот Бране Петрушевски рече дека вина гледаат и во Комисијата за спречување на корупција која води евиденција на имотите и доколку за 24 часа не бидат објавени имињата на лицата кои криеле имот, најави дека поединечно ќе ги откријат деталите за целиот список кој го анализирала партијата.

Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити. Воедно институциите како комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, кои се формирани за спречување на ваквите дејанија, практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници. Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти. – изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Антикорупциската комисија не сноси вина за непријавени имоти, бидејќи избраните и именуваните лица сами си ги пополнуваат анкетните листови, а доколку некој има докази за прикривање нека ги пријави во комисијата- вели за Канал 5 претседателката на ДКСК Билјана Ивановска. Проверки се прават и по допрен глас, по сопствена иницијатива и по годишен план, додава Ивановска, но се додека не постои софтвер за директно поврзување со институции кои располагаат со податоци, не може да се знае дали некој нешто крие.

Како да бидеме соучесници, јас не им ги пишувам анкетните листови, или некој од антикорупциска. Ние проверуваме само дали функционерите точно ги пријавиле своите имоти во анкетниот лист, тоа е нашата улога. Доколку постои сомнеж дека имотот што е пријавен надминува разумен износ на нивните просечни заработки во текот на месецот, тогаш тие предмети ги даваме на надлежни институции за истражувања- финансова полиција, финансиско разузнавање. – изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие треба да ги достават до надлежната институција а тоа е ДКСК, реагираа од СДСМ. “Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните. Со судска пресуда за Талир 2 е докажано Белиот дворец вреден околу 7 милиони евра е незаконски, криминално стекнат, врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните” – велат од владејачката партија.