Никој не е сменет од позицијата, туку е избрано ново раководство во кое генералниот совет на партијата ги има одлучено, не само членовите на централното претседателство, туку и потпретседателите и генералните секретари. Мислам дека Артан Груби е унапреден на ова централно претседателство, бидејќи е член на претседателството, вели портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи
По вчерашниот состанок на Централниот совет на ДУИ, Османи вели дека односите во партијата се добри и дека новата енергија на партијата ќе биде видлива во периодот кој следи. За проблемите со кој се соочувале, вели тие се слични во сите партии и организации но проценките се прават во однос на тоа дали постои капацитет да се надминат и од тешкотиите да се создадат можности.
„Односите се добри, политичките организации се всушност составени од луѓе кои претставуваат различни електорати и не секогаш интересите на различните електорати, на мојата населба, не се исти со интересите на некој друг град како Струга, Тетово и Гостивар. Но, успешноста на организацијата се цени по тоа дали различните погледи може да ги стави во фукнција на една моќна организација која им служи на луѓето, реализира, испорачува и победува. А ДУИ тоа го прави”,изјави Османи.
Тој воедно кажа дека по партискиот сотанок се пласирале многу погрешни информации, во однос на тоа дека некој добил смена од функцијата.
„Тоа не е точно. Значи никој не е сменет од позицијата, туку е избрано ново раководство во кое генералниот совет на партијата ги има одлучено, не само членовите на централното претседателство, туку и потпретседателите и генералните секретари. Мислам дека Артан Груби е унапреден на ова централно претседателство, бидејќи е член на претседателството”,рече портпаролот на ДУИ.
Според Османи, ДУИ во овие дваесет години се покажала како лидерска партија која нема изгубено ниту едни избори и станува се посилна.
Вчера се одржа состанок на Централниот совет на ДУИ на кој присуствуваа и претставници на таканаречената „Огнена група“. На состанокот, централниот совет на партијата донесе одредени измени во партиското раководство па така, за потпретседатели на партијата беа избрани пратеникот Изет Меџити кој исто како и Блерим Беџети припаѓаше во групата која бараше промени во раководството на партијата. Покрај Меџити, нови потпретседатели се пратеничката Арбана Пашоли, директорот на „Македонски енергетски ресурси” Бајрам Реџепи и за старо-нов потпретседател беше избран координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми. На местото на Артан Груби кој беше организациски секретар на партијата дојде Блерим Беџети, актуелен градоначалник на о.Сарај кој беше дел од таканаречената „Огнена група“.
Како членови на Надзорен совет, претседателот на партијата Ахмети ги предложи Муса Џафери, Мемет Селами, Шукри Масурица, Јуамин Синани, Зенун Матејани, Беким Назири и Недим Рамизи, а за генерален секретар е избран Фатон Амети, организациски секретар Блерим Беџети и секретар за родова застапеност Саранда Имери.
Собранискиот спикер Талат Џафери не се согласи со предлогот на првиот човек на ДУИ Али Ахмети кој го предложи Блерим Беџети за организациски секретар и Изет Меџити, Арбер Адеми, Арбана Пашоли за потпретседатели и побара Гостиварскиот огранок да добие потпретседателско место. Но, со неговиот предлог не се согласи сега новиот член на надзорниот совет на партијата, Муса Џафери по што спикерот во знак на револт и незадоволство прв ја напушти салата каде што се одржуваше состанокот.