Продажбата на играчки-скелети нема врска со војната во Украина

0
121

Написот што е споделен во постот преку кратко видео од 6 секунди манипулира дека во украинските продавници има играчки кои претставуваат останки од руски војници. Од самото видео јасно се гледа дека прикажаните играчки се во одделот каде што се продаваат додатоци за Ноќта на вештерките, за што говори карактеристичниот дизајн на штандот, како и портокаловата етикета на играчките и останатите додатоци што се наредени околу штандот. Самата играчка, која е јасно видлива од сите страни, не содржи никакви натписи, ниту  пак, има каква било индикација дека станува збор за Руси. Исто така, нема никаков доказ дека ова видео е воопшто снимено во Украина или станува збор за супермаркет во една од земјите каде што најмногу се слави Ноќта на вештерките, како САД, Канада, Ирска, Велика Британија

 

 

Во пост на социјалната мрежа Фејсбук споделен е напис кој тврди дека во Украина се продаваат играчки кои симболизираат коски и скелети на руски војници. Ова шокантно и морбидно тврдење го оценуваме како невистина.

Во написот којшто е објавен на порталот Мкдпрес.еу се тврди дека „во украинските продавници се појавила играчка која претставува импровизирани останки на руски војници“.

На украинските момчиња и девојчиња им се нуди да си играат со играчки кои можат да го шокираат секој нормален човек, пишува во текстот кој се споделува на социјалните мрежи.

Притоа како доказ дека ова е наводно вистина, прикачено е кратко видео од 6 секунди на коешто се гледа дека е снимено во некоја продавница и прикажува вреќи во кои внатре може да се видат скелети. И со ова видео се манипулира дека станува збор за играчки кои преставуваат останки од руски војници.

Но, на објавеното видео јасно се гледа дека играчките кои жената ги покажува се во одделот каде што се продаваат додатоци за Ноќта на вештерките, за што говори карактеристичниот дизајн на штандот, како и портокаловата етикета на играчките и останатите додатоци што се наредени околу штандот.

И покрај тоа што коментарите на оној што го снимил видеото се дека станува збор за „Орки“ (како што украинската пропаганда ги нарекува Русите), самата играчка, која е јасно видлива од сите страни, не содржи никакви натписи – ниту за „орки“ ниту пак, има каква било индикација дека станува збор за Руси или дека се некако поврзани со Русија.

Исто така, нема никаков доказ дека ова видео е воопшто снимено во Украина или станува збор за супермаркет во една од земјите каде што најмногу се слави Ноќта на вештерките, како САД, Канада, Ирска, Велика Британија.

Ноќта на вештерските се слави секоја година на 31 октомври, а скелетите се популарен симбол на овој празник бидејќи тие се потсетник на смртта. Скелетите нè потсетуваат дека Ноќта на вештерките отсекогаш бил празник на мртвите.

Скелетите и духовите имаат корени од древниот келтски фестивал Самаин, од кој потекнува и денешниот Ноќ на вештерките. Фестивалот се одржувал во ноќта на 31 октомври, означувајќи го крајот на сезоната на жетва и почетокот на студената, темна зима. Тоа бил, во суштина, фестивал на мртвите. Келтите верувале дека во оваа ноќ, границата помеѓу царството на живите и мртвите станала нејасна – мртвите се враќале како духови и можеле да одат меѓу живите.

Оваа асоцијација „ден на мртвите“ останува силна и денес. Затоа симболите на смртта – како гробиштата и опседнетите куќи – се толку присутни околу Ноќта на вештерките. И скелетите и духовите се морничаво симболични потсетници за другиот свет, смртта и човечката смртност.

Stopfake.org – проектот за проверка на факти и побивање на руската пропаганда и дезинформации, ја дебанкираше оваа вест и објави дека руските мас медиуми ја споделиле оваа информација и тврдат дека ова е пример за „секојдневен фашизам“ во Украина тукатукатука, и тука.

Преку вакви лажни и морбидни објави, руската пропаганда се обидува да ја убеди јавноста дека во Украина владее фашизам и нацизам за да се оправда и дополнително да се поттикне омраза против Украинците.

 

 

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.