Словачки пратеници не истураат вода врз украинското знаме оти им „дошло преку глава рекламирањето на Украина“

0
80

Со споделувањето на видео материјалот јавноста се доведува во заблуда дека настанот се случил неодамна, односно по инвазијата на Русија врз Украина и дека Словачка ѝ откажува поддршка на Украина. Видеото е снимено на 8 февруари годинава, пред да почне инвазијата и тоа за време на вжештена парламентарна сесија на која се дискутираше за договор за одбрана со САД. Уште истиот ден министерот за одбрана на Словачка Јарослав Над се извини за постапките на опозициските пратеници

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува видео со следниот опис:

Како што им скисна на луѓето од короната, така им дојде и преку глава од рекламирање на Украина… Ова е во Парламентот на Словачка.

Потоа, се споделува видео материјал во кој што се гледа декa во парламентот на Словачка (земја која се граничи со Украина) двајца политичари го држат знамето на Словачка и истураат вода врз знамето на Украина.

Меѓутоа, со споделувањето на овој видео материјал јавноста се доведува во заблуда дека настанот се случил неодамна, односно по инвазијата на Русија врз Украина и дека Словачка ѝ откажува поддршка на Украина, што не е вистина.

За што всушност се работи?

На видеото се прикажани двајца политичари од опозицијата на Словачка кои го држат знамето на Словачка и истураат вода врз украинското знаме. Видеото е снимено на 8 февруари 2022 година, пред да почне инвазијата на Русија врз Украина и тоа за време на вжештена парламентарна сесија на која се дискутираше за договор за одбрана со Соединетите Американски Држави.

На крајот од видето, двајца политичари влегуваат во кадарот, го тргаат знамето на Украина, а едниот од нив му ја вади маската од лицето на другиот. Истиот настан снимен од различен агол беше објавен од словачката новинска агенција ТАСР на Јутјуб и може да се погледнете овде.

Договорот за одбрана со САД беше одобрен на 9 февруари годинава и покрај бурните расправи во Парламентот. Со овој договор им се дозволува на американските сили да користат два аеродрома во Словачка, која ја дели кратката планинска граница со Украина. Политичарите кои го држат украинското знаме се од власта, а двајцата политичари кои го држат словачкото знаме и истураат вода се Петер Крупа од десно и Андреј Медвецки од лево, членови на екстремно десничарската партија Нашата Словачка.

На 8 февруари министерот за одбрана на Словачка Јарослав Над се извини за постапките на опозициските пратеници преку објава на Фејсбук. Оттаму, не може да се каже дека официјалниот став на словачката влада во врска со воената инвазија на Русија врз Украина соодветствува со однесувањето на двајцата пратеници на видеото.

На 3 март годинава, владата на Словачка одобри дополнителен пакет со помош и со воен материјал за Украина.

Воедно, Словачка прими десетици илјади бегалци од Украина.

Министерот за надворешни работи на Словачка, Иван Корчок отворено изрази поддршка на Украина, по инвазијата што ја започна Русија во земјата.

Поради тоа што не е наведена темата на дискусија во словачкиот парламент од објавата што ја рецензираме и поради тоа што не е наведено дека настанот прикажан на видеото датира од пред почетокот на воената инвазија на Русија во Украина, оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Станува збор за двајца претставници на Парламентот во Словачка кои на недоличен начин постапуваат во текот на вжештена собраниска расправа, уште пред воената инвазија на Русија врз Украина. Официјалната позиција на Словачка и е поддржувачка кон Украина. Освен тоа, наспроти она што се изнесува во објавата што ја рецензираме, Украина не се „рекламира“, туку се соочува со брутална воена инвазија од страна на Русија, поради што има поддршка и помош од голем број демократски држави ширум светот.


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери