ФОТО – Пристигна Фон дер Лајен, ја пречека Маричиќ

0
57

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, ги пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, кои штотуку слетаа на Меѓународниот аеродром Скопје.

Вицепремиерот Маричиќ им посака добредојде на Фон дер Лајен и Јохансон, посакувајќи им успешни и конструктивни средби што ќе ги остварат со највисоките државни претставници, на кои ќе се разгвоара за заедничката соработка и делување во решавањето на енергетската и економска криза.

„Убави вести и убав повод имаат претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, и еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, за денешната посета на нашата земја. Добредојдовте“, напиша вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, со денешната посета на Скопје ја започнува нејзината турнеја низ земјите на Западен Балкан, во чии рамки ќе оствари средби со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Заедно со премиерот Ковачевски, таа ќе присуствува на потпишувањето на Договорот со Фронтекс, во Владата, од страна на чешкиот амбасадор како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и комесарката Јохансон, во име на Европската Унија (ЕУ), и од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во име на Северна Македонија.

По потпишувањето на договорот ќе следи прес-конференција на премиерот Ковачевски и претседателката Фон дер Лајен во прес-центарот на Владата.