Мицкоски се придружи на повиците за протест против отворањето на бугарското здружение Цар Борис

0
19

Ова е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, според кој односот на бугарската влада и политичари кон Македонија не е ниту добрососедски, ниту пријателски. Мицкоски ги повика граѓаните на масовен, но мирен протест утре во Охрид, за, како што рече, да не им се даде алиби на СДСМ и ДУИ кои според него се причината за ваквата ситуација.

– Воопшто не станува збор за процес на интеграција кон ЕУ туку процес на асимилација. Комплетно уништување на македонскиот идентитет. И оваа провокација е во таа насока и имав можност да ги следам изјавите на претставниците на еврејската заедница, ја имаат нашата целосна поддршка. Ова што денеска се случува е шокантно и за Македонците но и за сите оние наследници на жртвите од времето на фашизмот и бугарската фашистичка окупација на Македонија. Протест, да, го поддржувам, ги повикувам масовно граѓаните да излезат и да го поддржат тој протест, но истовремено тој протест апелирам да биде мирен и демократски и да не дозволиме било каков инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, изјави Мицкоски.

На голем протест во Охрид против отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ вчера повика Левица. Партијата преку својот охридски огранок поднесе иницијатива за забрана на ова бугарско здружение кое, како што наведоа, го носи името на фашистичкиот соработник на Хитлер во Втората светска војна. Очекуваат реакција од Јавното обвинителство и останатите државни органи.

На бугарскиот министер за надворешни работи Никола Милков, пак, не му пречи името на Цар Борис Трети но му пречи тоа на скопската гимназија Јосип Броз Тито. Коментирајќи го отворањето на бугарскиот клуб во Охрид вчера изјави дека ако името цар Борис Трети е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем проблем.

Во текот на вчерашниот ден, се уште неотворен, настрада и македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, на кој како што реагираа од македонските здруженија, со вандалски чин му била извадена буквата М од насловот на Македонски културен клуб.