Не е вистина дека генералот Залужни носел нараквица со свастика

0
20

Залужни на повеќе фотографии се појавува со истата нараквица, меѓутоа на неа не е претставена свастика, како што се тврди во постот, туку скандинавски симбол. Оваа фотографија, инаку, е објавена уште на 17 март 2022 година од страна на Министерството за одбрана на Украина. Странски проверувачи на факти нашле ваква нараквица на онлајн продажба во онлајн продавница. Станува збор за таканаречена Викинг нараквица, која може да се персонализира и плочките да се изберат индивидуално. Плочката што ја одбрал Залужни, а за која невистинито се вели дека има нацистички симбол, всушност е сребрена плочка со скандинавски мотиви. Но, со компресирање на фотографијата нејзиниот квалитет се намалува до степен на оптичка илузија да наликува на свастика

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека врховниот командант на украинската армија, генералот Валериј Залужни позирал носејќи нараквица со свастика, а фотографијата самиот ја објавил на Твитер. Во текстот споделен во склоп на постот, се вели дека нараквицата која Залужни ја носел на раката, била составена од повеќе плочки, а на едната од нив имало свастика.

Ова е дезинформација. Залужни на повеќе фотографии се појавува со истата нараквица, меѓутоа на неа не е претставена свастика, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Оваа фотографија, инаку, е објавена уште на 17 март 2022 година од страна на Министерството за одбрана на Украина (тоа може да го видите на ова видео на 2 минута и 20 секунда).

Проверувачите на факти од Франс 24, велат дека нараквицата ја нашле на продажба во онлајн продавница и она што на фотографијата објавена во постот е претставено како свастика, всушност е скандинавски симбол. Станува збор за таканаречена Викинг нараквица која може да се персонализира и плочките да се изберат индивидуално. Плочката што Залужни ја одбрал, а за која невистинито се вели дека има нацистички симбол, всушност е сребрена плочка со скандинавски мотиви (од 3 минута и 40 секунда до 4 минута и 13 секунда во видеото).

Дека се работи за оптичка илузија објавија и бројни корисници на Твитер, меѓутоа еден од нив тоа и практично го демонстрираше, објаснувајќи дека симболот личи на свастика, не затоа што тоа го претставува, туку зашто фотографијата е компресирана и намалена, а со тоа ѝ се намалува и квалитетот, до степен на оптичка илузија да наликува на нацистички симбол, што всушност не е така.

 

На видеото погоре може да погледнете како со компресирањето на фотографијата, нејзиниот квалитет се намалува, до степен на оптичка илузија да наликува на свастика.

 

Украина повеќепати лажно се обвинува за нацизам

Од почетокот на воената инвазија на Русија во Украина, Вистиномер во повеќе наврати дебанкираше лажни тврдења коишто го поврзуваат на манипулативен, невистинит начин Зеленски со нацистичката идеологија. На пример, овде може да погледнете како видеоматеријал објавен официјално на страницата на претседателот Зеленски, со помош на лажен и измислен превод, се стави во функција на лажна пропаганда дека тој вечерал со нацисти од Азов. Потоа дебанкиравме и лажно тврдење дека Вита Заверуха е во роднинска врска со украинскиот претседател. Исто така,  со монтирана фотографија снимена во Русија, се направи неуспешен обид да се обвини Украина за нацизам.

Разоткривме и обид Зеленски да се претстави како нацист, како и лажно тврдење дека симболот што се појавува на неговата маица е нацистички. Симболот  на маицата на Зеленски беше промовиран како официјален амблем на вооружените сили на Украина во 2009 година, го има и на нивната официјална веб-страница и на страниците на социјалните мрежи. Се работи за прав, рамностран крст со темно розова/виолетова  боја и официјалниот грб на Украина – златен трозабец на сина позадина – кој стои во центарот. Железниот крст претставен без други екстремистички додатоци, не мора да се смета за симбол на омраза. Најчесто се користи на спортска опрема и други контексти одвоени од групите на омраза.

Постот што е предмет на оваа рецензија во кој се тврди дека „врховниот командант на украинската армија позира во нараквица со свастика“, е уште еден во низата примери за манипулирање и пронаоѓање непостоечки нацистички знаци.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека генералот Залужни носел нараквица со свастика на фотографијата прикажана на Фејсбук.

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.