Не е точно дека партнерството со НАТО значи слаба економија и слаба армија

0
21

Повеќето држави членки на НАТО се меѓу земјите со најдобри економии и најсилни армии во светот. Овој факт е сосема спротивен на тврдењето во објавата дека партнерството со НАТО значи дека немаш силна армија. Рангирањето на 20-те најсилни војски во светот кое се прави според активен персонал, буџет, и вид на оружје, вели дека од нив осум се членки на НАТО – Канада, Германија, Полска, Турција, Обединетото Кралство, Италија, Франција и САД. Во првите 25 држави во светот според номинален БДП, 11 се земји членки на НАТО – САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Канада, Шпанија, Холандија, Турција, Полска и Белгија, од кои шест се во првите 10 најсилни економии

 

 

Фејсбук објава тврди дека партнерството со НАТО значи немање силна армија и оружје и стабилна економија. Ова не е вистина. Всушност ситуацијата во реалноста е сосема спротивна.

Partnerstvoto so NATO znaci da nemas silna armija, oruzje i stabilna ekonomija, пишува во постот.

Повеќето држави членки на НАТО се меѓу земјите со најдобри економии и најсилни армии во светот. Овој факт е сосема спротивен на тврдењето во објавата дека партнерството со НАТО значи дека немаш силна армија.

Рангирањето на 20-те најсилни војски во светот кое се прави според активен персонал, буџет, и вид на оружје, вели дека од нив осум се членки на НАТО – Канада, Германија, Полска, Турција, Обединетото Кралство, Италија, Франција и САД.

Кога станува збор за армијата, во топ 10 земји со најголем вкупен број на воен персонал (во членови) се наоѓа и една членка на НАТО, а тоа е САД.

Според посед на оружје на војските, земјите членки на НАТО, исто така, се бројни во првите 20 земји. Па така, најмногу оружје во светот поседува САД. Турција којашто исто така е земја членка на НАТО, е на деветтото место, на 13- то е Франција, на 16-то Грција, на 19-то Италија и на 20-то Бугарија – кои се членки на НАТО.

Во однос на економијата, во првите 25 земји во светот според номинален БДП, 11 се земји членки на НАТО – САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Канада, Шпанија, Холандија, Турција, Полска и Белгија, од кои шест се во првите 10 најсилни економии. На списокот е и Шведска, којашто се очекува наскоро да ѝ се приклучи на Алијансата, како земја која веќе ги заврши преговорите.

Доколку една земја сака да стане членка на овој пакт секако мора претходно да исполни одредени критериуми како во однос на армијата така и во однос на економијата.

По Втората светска војна, САД, Канада и 10 европски земји го формираа НАТО како договор за колективна одбрана. Примарната цел на договорот беше да се спротивстави на моќта и влијанието на тогашниот Советски Сојуз и неговите сојузници. Членот 5 од договорот за НАТО вели дека нападот врз една членка на НАТО е напад врз сите членки. Кога ќе бидат нападнати, се очекува земјите-членки да им помагаат на сојузниците, вклучително и со воена сила.

Вратата на НАТО останува отворена за секоја европска земја која е во позиција да ги преземе обврските од членството и да придонесе за безбедноста во евроатлантската област. Од 1949 година, членството во НАТО се зголеми од 12 на 30 земји преку осум рунди на проширување. Република Северна Македонија стана последната земја што и се приклучи на Алијансата на 27 март 2020 година. Во моментот, пет земји-партнери ги објавија своите аспирации за членство во НАТО: Босна и Херцеговина, Финска, Грузија, Шведска и Украина.

„Политиката на отворени врати“ на НАТО се заснова на член 10 од нејзиниот основачки договор. Секоја одлука за покана на земја да се приклучи на Алијансата ја носи Северноатланскиот совет врз основа на консензус меѓу сите сојузници. Ниту една трета земја нема право на мислење во ваквите одлуки.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.