СЕ НАМАЛУВААТ ЗА 10 ОТСТО ПЛАТИТЕ ВО ОПШТИНИТЕ, ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И АД ВО ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ – Владата усвои план за фискална одржливост

0
17

Владата на вчерашната седница го разгледа и усвои и Предлог планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст: политики, препораки, мерки и индикатори.

Се задолжуваат буџетските корисници да ги спроведуваат и почитуваат мерките и препораките предвидени со овој План.

При тоа, се задолжуваат сите буџетски корисници, а им се препорачува на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите согласно Планот за фискална одржливост.

Предвидени се, како што е образложено од страна на Министерството за финансии, политики, мерки и препораки за намалување на расходите, за зголемување на приходите, за единиците на локалната самоуправа и за јавните претпријатија и трговски друштва во државна сопственост.

Политиката за намалување на расходите, опфаќа:

Консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10 отсто во однос на планираните средства за 2023-та година. Очекуван е фискален ефект (заштеда) околу 3 милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи;

Консолидација на расходите за стоки и услуги и нивно намалување за 20 отсто во однос на фискалната рамка за 2023 година, при што очекуваниот фискален ефект е околу 3 милијарди денари во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи;

Консолидација на расходите за субвенции, трансфери, дотации и социјални надоместоци и нивно намалување за 20 отсто во однос на фискалната рамка за 2023 година, при што очекуван фискален ефект е околу 3 милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи и

Политика за подобрена структура на капиталните расходи, со цел меѓу другото, квалитетно и навремено реализирање на капиталните проекти.

Во делот на политиките за зголемување на приходите предвидено е, меѓу другото, оптимизација на даночниот систем, преку консолидирање и проширување на даночната основа кај директните и индиректните даноци и акцизите, намалување на даночната евазија и даночната арбитража и зголемување на даночната транспарентност.

И во делот на политиките за единиците на локалната самоуправа се препорачува намалување на тековните расходи. А, во услови на нарушено снабдување на пазарот на електрична енергија, општините да ја разгледаат можноста за спроведување на централизирана набавка на електрична енергија за институциите под нејзина надлежност, со цел постигнување пониска цена во снабдувањето со електрична енергија, како и буџетските единки основани од општината, да пристапат кон заеднички набавки за електрична енергија.