Ако се исполни планот за производство од страна на ЕСМ до крајот на оваа година, не очекувам да има големо зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари следната година, рече министерот за економија во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат
Владата соопшти дека Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и вчера, 4 ноември 2022 година, целосно ги задоволиле потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи со производство на електрична енергија исклучиво во сопствените капацитети.
ЕСМ вчера произвеле 11 446 мегават-часа електрична енергија, од кои во термоелектраните – 8 092 мегават-часа, додека во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци се произведени 3 354.
Но, предизвиците за ЕСМ допрва претстојат во месеците кога се очекува зголемена потрошувачка од корисниците на регулираниот пазар и со оглед на одлуките на Владата да се обезбеди субвенционирана струја за дел од компаниите што вообичаено се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар.
Во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, министерот за економија Крешник Бектеши, кој до скоро велеше дека ако се остварат плановите за производство на струја од Електрани на Северна Македонија, ќе нема зголемување на цената за домаќинставата од 1 јануари 2023 година, сега зборува за минимално поскапување.
„Ако се исполни планот за производство од страна на ЕСМ до крајот на оваа година, не очекувам да има големо зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари следната година“,рече тој.
За забелешките од Регулаторната комисија за енергетика дека Владата треба уште еднаш да размисли за одлуката за зголемување на ДДВ-то за струјата за домаќинствата од 5 на 10 % од Нова година, Бектеши рече дека нема потреба да се прават дополнителни анализи, имајќи предвид дека веќе осмислуваат и други мерки со кои ќе им излезат во пресрет на граѓаните, особено на оние што имаат најмногу потреба.
,,Кога сме кај мерките и на кој начин ќе се осмислат, навреме ќе ја информираме Регулаторната комисија за енергетика, пред да ја формира цената за електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи за периодот од 1 јануари до крајот на јуни следната година”,рече министерот за економија.
Бектеши рече и дека со сувенциите од Владата и грантот од 80 милиони евра од Европската Унија очекува намалување на цената на на регулираниот пазар за малите и микро-компаниите.