Беса кани партии на разговор за бришење од Уставот на одредбата „20 проценти“ за албанскиот јазик

0
53

Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, денеска ќе испрати покана до партии на Албанците за заедничка средба, изјави на прес-конференција заменик претседателот на партијата Арјанит Хоџа. На средбата треба да се разговара за измените на амандманот 5 од Уставот што Беса ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните” со „албански јазик”. Хоџа вели дека може да присуствуваат и „оние партии на Албанците кои што нема да добијат покана“

Средбата се очекува да се одржи откако ќе ги добијат одговорите од сите партии, а Хоџа очекува тоа да биде следната недела.

Хоџа вели дека поканaта ја испраќаат тргнувајќи од фактот дека сите парламентарни политички партии на Албанците се потписници на заедничка политичка изјава во насока на механизам за обединување на позициите и нагласува дека уставните измени треба да се случат многу бргу.

„Затоа, многу брзо треба да се преземат конкретни чекори како да се отстрани погрдителниот термин од 20 проценти и да се замени со термин ‘албански јазик’, односно официјален јазик во земјава. Да се откажеме од декларативниот патриотизам и да го направиме секој Албанец да биде горд граѓанин на Република Северна Македонија“, изјави Хоџа.

Инаку, покрај Беса и Алијанса за Албанците и Алтернатива веќе подолго време соопштуваат дека доколку се менува Уставот за внес на бугарска етничка заедница во преамбулата, дека тоа отворање на Уставот ќе биде можност да се брише одребата за официјална употреба на јазик на етничка заедница која е со бројност од најмалку 20 проценти, како на ниво на држата, така и на ниво на општините.

Уште откако беше објавено дека власта покажа подготвеност за внес на бугарската заедница во Уставот, Беса и Алијанса за Албанците најавија дека тоа ќе го условат со прифаќање да се избрише одредбата „20 проенти“ утврдена со Охридскиот договор која ја сметаат за понижувачка за Албанците, додека завчера лидерот на Алтернатива Африм Гаши рече дека неговата партија не условува, односно не уценува, туку бара да се прифати менување на Уставот во тој дел во интерес на граѓаните и земјата.

За менување на Уставот потребни се 80 гласови за во Собранието на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ, без чии гласови во Собранието не е можно да се изгласа измена на Уставот, не прифаќа да гласа за влегување на Бугарите во Уставот, сѐ додека Софија со тоа прашње го условува почетокот на активни преговори на Македонија со ЕУ. Партијата бара и реципроцитет со Бугарија, односно признавање на македонско малцинство од источниот сосед. Во однос на барањето на партиите на македонските Албанци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неодамна изјави дека може да се преговара за таква уставна измена доколку се договори елиминирање на етничкиот клуч при вработувањата како и на балансерот, исто така кој се однесува на вработувањата, што за партиите на Албанците, како што веќе се изјаснија, е неприфатливо.