Овие луѓе, наши градоначалници, се навистина херои со тоа што успеаја да го направат во изминатите 365 дена, се разбира со огромна поддршка на пратениците во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ, со огромна поддршка на советниците во советите од ВМРО-ДПМНЕ, со огромна поддршка на луѓето кои што ги водат јавните претпријатија и народот кој што дополнително ги мотивира, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски на крајот од дводневниот отчет на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, насловен како „Саем на промени што носат иднина“.
„Сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ имаа исклучително квалитетна година. 365 дена импозантна статистика, импозантни резултати, повеќе од 125 милиони евра инвестирани или во фаза на инвестиции се капиталните проекти кои се реализирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и можам да кажам и да се заблагодарам за сето она кое што го направија и да потсетам дека тука не завршува сѐ, ние мораме да покажеме и да работиме двојно повеќе во периодот кој следи и да покажеме дека не се сите исти“, изјави Мицкоскина по сумирањето на заклучоците од политичкиот саем.
Тој за пример ги посочи и јавните претпријатија со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и Куманово.
„Вреди да се напомене Тетово, тука го гледам директорот на ЈП Градски паркинг во Тетово кој компанијата ја наследи со стотици илјади евра долгови, неисплатени плати, за луѓето кои се вработени таму сега да велат дека не само што се исплатени и долговите и платите туку и се размислува за развој. Квалитетно однесување, иако таму немаме градоначалник, ние сме дел од локалната самоуправа и ги охрабрувам да продолжат. Во Куманово имаме директор на ЈП Куманово гас каде и покрај сите предизвици со кои се соочуваме ова претпријатие бележи исклучителни резултати“, нагласи Мицкоски.
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ тој ги нарече херои бидејќи, рече, и покрај сите опструкции од власта успеале да реализираат голем дел од проектите. Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде ветер во грб и ќе ги мотивира дополнително градоначалниците со поддршка да продолжат со реализација на проектите за граѓаните.
„Убеден сум дека во периодот кој што следи ќе го искористат тој мотив и ќе биде уште подобро и ќе има уште повеќе проекти. Ние ќе мотивираме со цел да реализираат што е можно повеќе проекти и да ја продолжат традицијата на брендот ВМРО-ДПМНЕ, бренд што носи проекти, иновира и носи подобри времиња“, изјави Мицкоски.