ПО ТЕНЗИИТЕ, ВО ЈУЖНА МИТРОВЦА НА ДЕН ЗАДУШНИЦА УНИШТЕНИ ГРОБНИ МЕСТА

0
98

Србите кои утрово пристигнаа на гробиштата во Јужна Митровица поради Митровденската задушница пронајдоа уништени споменици и обраснати гробови. Исто така, единствен начин да се стигне до православните гробишта е со организиран превоз и заедничко одење за Митровденската задушница, објави „Косово онлајн“.

Граѓаните се тажни бидејќи, од година во година, им е сѐ потешко да ги најдат гробовите на своите најблиски.

Расплакана жена за „Косово онлајн“ изјави дека утрово одела од гроб до гроб, обидувајќи се да го најде местото каде почиваат нејзините најблиски.

„Тага, многу сум тажна, не можам да им ги најдам гробовите. Татко ми и мајка ми се закопани овде, Лаковиќи. Инаку, тука е закопан и мојот свекор Делибашиќ. Страшно е, ова не им се случуваше на нив, Србите не уништуваа споменици. Ако еднаш уништиш и згрешиш, Бог ќе ти прости. Но, зошто ова? Секој пат кога доаѓаме тука е сѐ полошо“, вели таа.

Срушено е и гробното место на семејството Дениќ. Нивниот син вели дека се обидуваат да ги исчистат и средат гробовите, но дека тоа е невозможно бидејќи не можат да дојдат кога сакаат.

„Многу е тешко, можете и самите да видите. Ова не е сменето со години. Спомениците на татко ми, мајка ми, брат ми, дедо ми… сите тука почиваат. Оваа состојба е тажна, најчесто доаѓам кога е Задушница бидејќи има организиран превоз. Сам не би се осмелил да дојдам, можеби никој нема да ми направи ништо, но не се осмелувам“, вели Дениќ.

Православните гробишта во Јужна Митровица претрпеа најмногу разурнувања веднаш по војната и во мартовскиот погром во 2004 година. Денес се срушени речиси 90 отсто од спомениците кои ги посетуваат Србите за време на Задушница.