Тетово и Гостивар фрлаат ѓубре во Русино, но не плаќаат

0
87

Амбасадорката на Швајцарија, чија земја е и донатор за депонијата Русино, денеска придружувана од министерот за екологија и градоначалниците на полошкиот регион, извршија увид во работите во оваа регионална депонија. Од она што го видоа беа задоволни, особено градоначалниците од полошко, иако Гостивар и Тетово го немаат исплатено долгот кон заедничкото комунално претпријатие.

„Веќе писмено ги известивме општините дека три месеци го немаат платено долгот. Се надеваме дека брзо ќе се исплати, а ако не, тогаш ќе седнеме на маса со градоначалниците на општините, затоа што тие се основачи и ќе одлучиме неплаќачите да се санкционираат со забрана за депонирање на отпадот во Русино. Вкупниот долг е околу седум милиони денари, а тука се вклучени и некои приватни оператори. 40 отсто од долгот е на општините Гостивар и Тетово“, рече Бесим Догани Директор на регионалната депонија Русино.

Градоначалниците Таравари и Касами соопштија дека поради блокираните сметки и кризата, сега не можат да го вратат долгот.

„Имаме долг кон Претпријатието, но за жал, општината има блокирана сметка. Штом бидеме деблокирани, ќе се обидеме да ги покриеме, бидејќи сме свесни дека пред сè за правилно функционирање на Претпријатието, општина Тетово и Гостивар мора да го платат долгот“, рече Таравари.

„Долгот што го има нашата општина е во рамките на секојдневието, оперативен долг, но доколку е повеќе од три месеци, како што рече директорот, ќе интервенираме. Ако општинското претпријатие не може да го плати долгот, ние како општина ќе преземеме мерки“, рече Касами.

Швајцарската амбасадорка Вероник Улман истакна дека со реализацијата на овој проект се постигнати видливи резултати како за животната средина, така и во однос на заштита на здравјето на граѓаните.

„Денеска можев да видам дека со швајцарската инвестиција за неколку месеци всушност направивме огромна разлика, по она што го видов за време на претходните посети. Физичката работа, работата на машините, работата на тимот овде навистина направи голема разлика за животната средина, за јавното здравје и секако за луѓето од општините од Полошкиот регион. Сега, како што рече Министерот, оваа прва фаза од проектот ќе заврши на крајот на декември, а се надеваме дека втората фаза може да започне доколку Законот за заемот од ЕБОР помине во Собранието. А со тој Закон треба да имаме и грант од швајцарската влада”, рече Улман