Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности не даде дозвола во Богданци да се регистрира бугарски културен клуб со назив „Цар Фердинанд“, а во Благоевград стаса судска одлука дека здружението што го отвори „Никола Вапцаров“ има цели што се спротивни на Уставот,објави Слободен печат.
Негативна оцена доби барањето за регистрација на бугарски културен клуб во Богданци со назив „Цар Фердинанд“ од владиното советодавно тело за употреба на имиња на историски личности, а одлуката дали клубот ќе го носи тоа име или ќе мора да бара друго, ќе ја донесе Централниот регистар на Македонија. Советодавното тело завчера го одржа својот прв состанок, на кој одлучија дека нема да дадат позитивно мислење за употреба на името на бугарскиот цар Фердинанд, затоа што тој не е позитивна личност во македонската историја и за него нема позитивна перцепција меѓу македонските граѓани.
Следно во процедурата е ова мислење да биде доставено до Министерството за правда, а потоа и до Централен регистар. Од ова Министерство вчера ни изјавија дека сè уште кај нив уште не е стигнато негативното мислење од советодавното тело, а кога ќе пристигне, тие немаат надлежност да донесат одлука.
– Одлуката дали ќе се дозволи регистрацијата со тој назив е на Централниот регистар, а Министерството за правда само ќе го проследи до нив мислењето на советодавното тело – велат од Министерството за правда.