ВИДЕО: НЕВЛАДИНА ОРГАНИЗАЦИЈА НЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗЕ ВО ПРОСТОРИИТЕ, ОТКАКО ОПШТИНА ТЕТОВО ИМ СМЕНИ БРАВА

0
22

Повторно се судрија невладината „Спејс“ и општина Тетово. Членовите на ова здружение денеска се пожалија дека претставници на општината им ја смениле бравата на влезната врата, објави АлсатМ. До тоа дошло откако претходно вработените во општината го побарале клучот од зградата за културна дејност.

„Волонтерите утрово се соочија со уште еден типичен вандалски чин и насилство, при што, како што се сомневавме, беше сменета бравата на влезот. Веднаш ја известивме полицијата за овој случај, додека групата што се претставува како општинска администрација бара од нас да ја отстраниме опремата, што апсолутно не го прифаќаме. Бараме оваа група веднаш да го ослободи просторот за младите да продолжат со планираните активности, а правните органи што поскоро да го расветлат случајот со неовластено деликвентно влегување и менување на бравата“, рече Нита Сејдиу, Организација „Спејс“.

Во општина Тетово ни рекоа дека организацијата имала меморандум за одржување активности во овие простории, како и сите други здруженија. Од таму додаваат дека Организацијата „Спејс“ во случај на потреба од користење на просторот треба да се обрати до општина Тетово со барање.

„Меморандумот за соработка меѓу здружението и општината е конкретно само за активности и проекти. И секое здружение, како раководител на секторот за јавни дејности, повикувам секое културно или образовно здружение на млади да се обрати до општината со барање, а општината ќе ги разгледа сите здруженија кои имаат активности, од општина Тетово ќе им се овозможи да ги извршуваат истите активности“, изјави Назми Даути, Сектор за јавна дејност на општина Тетово.

 

 

Инаку, станува збор за поранешниот објект на Радио Тетово, кој со години беше напуштен. Волонтерите, со помош на меѓународна организација, во 2018 г. го ревитализираа просторот и го претворија со социјален-културен центар. Оттогаш и го користат.

Првиот човек на општина Тетово претходно му го зеде правото на користење на објектот на поранешното Радио Тетово на здружението „Спејс“, бидејќи немало договор за користење, а требало да го користат сите здруженија и културните организации во Тетово кои имаат проекти за реализација.

Во јавните настапи, градоначалникот Билал Касами тврдеше и дека до Општината граѓани се жалеле на оваа невладина организација од повеќе причини: паркирање на погрешни места, фрлање ѓубре околу објектот, гласна музика до раните утрински часови, прекумерно консумирање алкохол и друго неетичко работење.

Тој во тврдењата отиде и подалеку кога на прашање на „Порталб.мк“ за какви активности станува збор, одговори: „Порнографски активности“.

Од „Спејс Тетово“, пак, остро одговорија дека градоначалникот клевети и зборува невистини.

„В.д. градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, на денешната прес-конференција, освен вообичаените клевети и погрешни пристапи кон заедницата, нашиот простор и младите кои 4 години го создаваа, одржуваа и фреквентираа, денеска без никаков срам, јавно не обвини дека организираме ‘порнографски активности’ во нашите простории. Шокирани сме од оваа длабоко навредлива изјава, особено што доаѓа од просториите на градската општина, храмот кој треба да биде прва помош во подобрувањето на условите и понудата за граѓаните и младите“,

реагираа тогаш од Социјален културен простор Тетово.