Во Косово од денеска санкции за сите, кои нема да ги променат табличките кои се регистрирани во Србија

0
32

Во Косово од денеска стапува во сила одлуката на Владата на премиерот Албин Курти за замена на регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија со оние кои се пропишани со законите на Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според одлуката што минатата недела ја донесе владата на Курти, од денеска ќе се изрекуваат санкции на оние кои во Косово нема да ги променат табличките кои се регистрирани во Србија, со кратенките на српските топоними за градовите во Косово – како ПР за Приштина (да се замени со 01 … -., како ознака за регионот на косовската престолнина), КМ за Митровица, УР за Урошевац, ПЗ за Призрен, ГЊ за Гњилане итн.

Од денеска, во наредните три недели, до 21 ноември, на возилата кои ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички ќе им се изрекува „укор“. По овој датум, до 21 јануари 2023, ќе се изрекуваат парични казни, додека од 21 јануари до 21 април ќе им се издаваат пробни таблички.

-По 21.04. 2023 тие возила не ќе можат веќе да се регистрираат со таблички РКС (Република Косово), да влегуваат и да се движат низ територијата на Република Косово, соопштија надлежните косовски власти.