Европскиот парламент ја предлага Русија за државен спонзор на тероризмот

0
19

Со резолуцијата на Европскиот парламент, се предлага Русија да стане првата држава на теористичката листа на ЕУ.  На оваа листа се лица, групи и ентитети вклучени во терористички акти и рестриктивни мерки. Резолуцијата на ЕП, која беше усвоена на пленарната седница во Стразбур со 494 „за“, 58 „против“ и 44 воздржани, нема правна сила и е нерегулаторна, но е авторитарна. Европратениците ги повикаа владите на 27-членки на ЕУ да го следат нивниот пример

 

 

Европскиот парламент вчера (23.11.2022 година) донесе Резолуција со која „ја признава Русија како државен спонзор на тероризмот и како држава која користи средства за тероризам“. Со тоа, ЕП предлага Русија да стане првата држава на теористичката листа на ЕУ на која се наоѓаат 13 поединци и 21 ентитет.

Резолуцијата усвоена на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур со 494 „за“, 58 „против“ и 44 воздржани, нема правна сила и е нерегулаторна, но е авторитарна. Европратениците ги повикаа владите на 27-членки на ЕУ да го следат нивниот пример.

Иако Европската Унија за разлика од САД, нема правна рамка за да означи една земја како „држава спонзор на тероризмот“, ЕП со резолуцијата го повикува Брисел да ја воспостави и таму да ја додаде Русија.

Терористичката листа на ЕУ е формирана како дел од својот одговор против тероризмот по нападите од 11 септември 2001 година, преку официјализирање на список на лица, групи и ентитети вклучени во терористички акти и подложени на рестриктивни мерки. Списокот вклучува лица и групи активни во и надвор од ЕУ, но не и држави. Тринаесетте лица и 21 ентитет на списокот се предмет на замрзнување на нивните материјални и финансиски средства во ЕУ.

Европскиот парламент со резолуцијата, како што стои во текстот, „апелира до целиот руски народ не само да одбие да биде вовлечен во оваа војна, туку и да протестира против свирепите воени злосторства врз народот на Украина, извршени од Руската Федерација во името на рускиот народ“.

Европратениците бараат независни истраги за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени од Русија.

Намерните напади и злосторства извршени од Руската Федерација врз цивилното население на Украина, уништувањето на цивилната инфраструктура и други сериозни прекршувања на човековите права и меѓународното хуманитарно право претставуваат акти на терор, пишува во Резолуцијата.

Од ЕУ се бара да ја прошири листата на поединци кои се цел на санкциите за да ги вклучи „оние кои се вклучени во присилни депортации, присилни посвојувања на украински деца, нелегални „референдуми“ во регионите Луганск, Керсон, Запорожје и Доњецк и нелегалните „избори“ во Крим и Севастопол, како и сите членови на партиите на државната Дума кои имаат функции во избраните парламенти на сите нивоа, вклучително и на регионално и општинско ниво.

Исто така, во текстот се повикуваат Европската комисија и земјите од ЕУ да работат на воспоставување на сеопфатен меѓународен механизам за компензација, вклучително и меѓународен регистар на штети, и активно да соработуваат со украинските власти.

Што се однесува до платеничката група „Вагнер“ и 141-от специјален моторизиран полк, исто така познат како „Кадиров“, како и други вооружени групи, милиции и одреди финансирани од Русија, Резолуцијата ја повика ЕУ да ги стави на списокот со санкции во групата „терористички“ организации.

Русија не е само држава што го спонзорира тероризмот, туку и држава која користи средства за тероризам. Признавањето на овој факт од страна на Европскиот парламент испраќа јасен политички сигнал. Европа, Европејците не сакаат да бидат пасивни, кога нивниот голем сосед ги прекршува сите хуманитарни и меѓународни стандарди, рече литванскиот европратеник Андриус ​​Кубилиус, кој беше дел од групата европратеници кои инсистираа на усвојување за резолуцијата.

Литванија е една од неколкуте членки на ЕУ, кои веќе донесоа своја резолуција, со која го осудија рускиот „тероризам“. Покрај Литванија, Латвија, Естонија, Полска и Чешка, ваква резолуција усвои и Парламентарното собрание на Советот на Европа и Конференцијата на парламентарните комисии за прашања на Унијата на парламентите на Европската Унија (КОСАК).

И Конгресот на САД донесе ваква резолуција, меѓутоа сè уште го нема потписот на државниот секретар, кој ја носи формалната одлука за признавање на една земја како „спонзор на тероризмот“. Американскиот претседател Џо Бајден одби и донесе конечна одлука да не ја смести Русија на листата земји – државен спонзор на тероризмот, со оцена дека ваквиот потег може да има контраефект и несакани последици за американската поддршка на Украина.

По усвојувањето на Резолуцијата во ЕП, се очекува ЕУ да воведе деветти пакет на санкции, откако Москва стартуваше со жестоки напади со ракети и беспилотни летала, нанесувајќи огромни штети на енергетската инфраструктура на Украина.

Европскиот парламент вчера гласаше и за Извештајот за процесот на проширување, поднесен од известувачот –  хрватскиот европратеник Тонино Пицула. Извештајот ја повика Србија „систематски да се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ и општата политика кон Русија, да покаже напредок во демократијата и владеењето на правото и да ги прифати вредностите и приоритетите на ЕУ“. Во извештајот на Пицула пишува дека ЕУ ќе се преиспитаат сите средства за Србија, особено проектите финансирани според економскиот и инвестицискиот план на Западен Балкан, со цел да се осигураат дека сите трошоци на ЕУ се целосно во согласност со стратешките цели и интереси на Унијата.

Кратко време усвојувањето на резолуцијата, веб-страницата на Европскиот парламент беше погодена од хакерски напад, соопшти претседателката на ПарламентотРоберта Мецола.

Таа рече дека станува збор за „софистициран напад“ од про-Кремљ хакерска група која го нападнала сајтот по гласањето на европратениците.

„Мојот одговор е:#Слава на Украина, напиша Мецола на Твитер.

Првиот прекин на услугите на веб-страницата настанал по гласањето за резолуцијата за Русија рано попладне (околу 13 часот). Нема точни информации колку траел прекинот, но познато е дека по воспоставувањето на сервисот, повторно имало прекини од 15.30 до 16 часот. Мултимедијалниот дел на сајтот и преносот во живо од пленарната седница се одвивал нормално.

Хакерите од про-Кремљ групата Killnet ја презедoa одговорноста за нападот на веб-страницата на Европскиот парламент. Killnet на својот канал на Телеграм напиша дека официјалната веб-страница на Европскиот парламент „спие“ веќе неколку часа.

Таа (веб страната н.з.) може да се разбуди само со помош на колективното извинување на Западот до Русија, се вели во соопштението на Killnet.

Прекинот на дел од услугите на сајтот на ЕП, како што потврди портпаролот  Жом Душ Жилио, настанал преку напад на дистрибуирано одбивање на услугата (DDoS). Најчесто применетиот начин на исклучување на интернет страните е преку DDoS нападите, преку кои веб-локацијата е преплавена со симултани и координирани барања за влез од повеќе компјутери. Ова ѝ отежнува на веб-локацијата да одговори на сите барања, и затоа станува исклучително бавна или целосно недостапна за корисниците.

Хакерската група Killnet е особено активна последниве денови. Меѓу последните напади се тие на сервисите на Старлинк на Илон Маск, кои обезбедија интернет за Украина, а станаа познати по хакирањето на веб-страницата на познатата хакерска група  „Анонимуси“.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.