Лажни се дојавите за бомби во 9 скопски средни училишта

0
18

И денеска лажните дојави за бомби испразнија 9 скопски средни училишта. Во училниците наместо ученици и наставници, беа присутни само екипите на МВР за антитероризам заедно со нивните кучиња, кои бараа некаква експлозивна направа. Но сепак, се констатираше дека и овој пат дојавата која стигна на е-маил адресите на училиштата е лажна.

Од МВР велат се уште го расчистуваат случајот.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. – соопштија од МВР

Министерот за внатрешни работи вели дека станува збор за хибридни напади и дека знаат од каде доаѓаат мејловите, но дециден е дека МВР ќе го надмине овој проблем.

И додека родителите се плашат да ги пратат децата на училиште, а кај учениците постои страв дека дури се на часови може да пристигне нова дојава, и премиерот Ковачевски оценува дека пријавите за поставени бомби се дел од стратегијата за хибридни напади врз земјава.

Поминаа две недели од првата дојава за бомба, а според според пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, МВР е неспособно да го пронајде лажниот бомбаш и побараа оставка од министерот Оливер Спасовски.

„Цели 2 недели не можат да откријат лажен бомбаш кој од лажни адреси, лажно ги паничи децата и граѓаните. Не сакам ниту да замислам како би реагирало МВР во некоја поопасна и посложена ситуација.”

Досега беше уапсено едно лице, односно 23 годишно момче чие име стоеше на мејловите за лаѓните пријави за бомби. Сепак Обвинителството откако изврши проверки во неговиот дом, лаптоп и мобилен телефон констатираше дека нема докази против него.