Пациентка од Тетово остана без вештачки колк и протези, оти во болницата го немаат потребниот материјал

0
18

Пациентка од Тетово остана без вештачки колк и протези, оти во Градската болница 8 септември каде со години се лекува го немаат потребниот материјал. Бара помош од Министерството и Фондот за здравство, оти како што вели материјалот е скап и како социјален случај не може сама да го купи.

Виторе Наумовска од тетовско Непроштено, веќе три години живее без вештачки колк и потребните протези за левата нога, кои и беа операционо остранети во 2019 година, оти и беа стари и со поминат рок.

Првата операција ја направила во „Градската болница 8 септември“ во Скопје. Но за втората, кога треба да се постави нов материјал за да може нормално да се движи, од здравствената установата ја одбиле, со образложение дека ги немаат потребните материјали.

Од „Градската болница 8 септември“ ја препратиле во државната болница, но и од таму добила негативен одговор. Наумовска, бара помош од Министерството за здравство и Фондот за здравство, да се обезбеди потребниот материјал, оти е социјален случај и приватно не може да го купи.

Од Фондот за здравство, велат дека минатиот месец на „Градската болница 8 септември“ и е зголемен годишниот надоместок за 49 милиони денари, пари со кои може да се спроведе јавна набавка за протезите.

Во разговор со директорот на градската болница 8 септември, посочено е дека врз основа на ова зголемување, може да се зголеми и планот за јавни набавки за ставката ревизиони протези од комплексен тип и истите да ги набават. Заради фактот дека мора да се спроведе постапка за јавни набавки, а рокот за плаќање е најмалку 30 дена, за да се добие во време, посочено е на болницата да ги спроведат овие процедури за јавна набавка врз основа на веќе доделените средства, соопштија од Фондот за здравство.

Виторе Наумовка, 5 години чекаше да и се острани и стариот вештачки колк и протези, кои и беа дотраени и со поминат рок. Сега за нов материјал моли по болничките ходници. Се надева дека проблемот ќе и се реши и ќе може повторно нормално да оди.