ПОТРЕБЕН Е ЗДРАВ ОБРОК ЗА СЕКОГО, РЕАКЦИИ ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНИОТ СТУДЕНТСКИ ОБРОК, КОИ НЕКОИ СТУДЕНТИ МОЖЕ И ДА НЕ ГО ДОБИЈАТ

0
19

Откако на сајтот на Собранието беа објавени законските измени за субвенционираниот студентски оброк, кој треба да има собраниска разврска нареднава недела, универзитетски и факултетски студентски собранија упатија реакции по повод промените.

Износот за субвенционираниот студентски оброк со предлогот би се зголемил од 120 на 140 денари, но, велат тие, се предвидуваат поголеми ограничувања кои не биле предвидени минатата година.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), Славчо Темелковски за Радио МОФ вели дека со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници на Субвенциониран студентски оброк (ССО), иако идејата на новиот предлог закон била пред сѐ, промена во условите и критериумите за тоа кој може да биде корисник на ССО.

„Целта на законот е да овозможи здрав оброк за секој студент и тоа е вистинската суштина на законот и ние како таков треба да целиме што е можно повеќе студенти да бидат корисници на ССО, но со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот и корисници на ССО да не смеат да бидат корисници на стипендија, апсолвенти и сите оние кои во фамилијата имаат членови кои имаат минимална плата“, вели Темелковски.

Студентскиот лидер на УКИМ смета дека ваквите критериуми укажуваат само на тоа дека намерата е јасна – бројот на корисници да биде драстично намален, а апропо на тоа, се губи суштинта на законот, а тоа е здрав оброк за секого.

„Исто така, со самиот факт дека корисници би можеле да бидат само оние кои во фамилијата имаат приливи под минималната плата, автоматски тоа значи дека станува збор за социјално загрозени семејства, што за мене ваков критериум е надвор од секоја нормала. Јас, како претседател на студентите ве уверувам дека ваквиот закон со ваков текст нема да помине, ова мора да има промени и ќе има. Во спротивно, мислам дека гласот на студентите за многу брзо време сите ќе го слушнат“, додава тој.

Во реакцијата на УСС УКИМ се вели дека Универзитетското собрание активно ги следи сите случувања поврзани со промените за користење на субвенционираниот студентски оброк, како и дека нивното собрание јавно не се согласува и не ги поддржува новопредложените услови.

„Со новите услови автоматски се побива суштината и целта на законот и многу јасно се гледа намерата што е можно повеќе студенти да бидат изземени од правото за користење на студентскиот субвенциониран оброк. Затоа како УСС веќе сме во процес да ги искористиме сите механизми ваквото предлог-решение да не помине. Наскоро очекувајте разрешница на целата ситуација и се надеваме на позитивен исход, но за таа цел овојпат првпат јавно ја бараме вашата поддршка. УСС ќе ги искаже своите позиции и ќе ги искористи сите механизми ваквиот предлог-закон нема да помине“, велат од УСС УКИМ.

Оттаму додаваат дека во текот на процедурата ќе бидат поднесени амандмани со што ќе се измени текстот на предлог законот.

Од УСС УКИМ најавија дека на 14 ноември, во 16 и 30 часот во просториите на МОН ќе биде одржана работна средба со цел промена на текстот на новиот предлог-закон за студентски оброк.

Студентските претставници ќе побараат сите корисници на стипендии да продолжат да бидат корисници на студентскиот оброк, сите кои се апсолвенти да продолжат да го користат оброкот, како и корисници на ССО да бидат сите оние кои во потесното семејство немаат повисоки примања од две просечни плати.

Реакција за промените во Законот испрати и Факултетското студентско собрание при Факултет за медицински науки од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во кое се вели дека студентското претставничко тело не ги поддржува промените.

„Факултетското студентско собрание на Факултетот за медицински науки при УГД ШТИП апелира приклучување кон искажувањето на револтот и на останатите факултети на нашиот универзитет со цел да се покрене гласен револт. Според новите информации се имплементира екстремно голема дискриминација. Сите студенти ги едуцираме и градиме како академски граѓани кои ги преминуваат сите стигми и предрасуди. ФСС при ФМН смета дека листата на критериуми за доделувањето на Студентски оброк е бесцелна и нелогична, поради тоа што самото име на проектот укажува дека право за истиот го има секој студент. Проектот кој го поздравуваме и беше од огромна помош за секој студент од денеска го изгуби сјајот на поддрша и хуманост кон секој студент, а воедно поттикна и огромен револт и разочарување“, се вели во реакцијата.

Од ФСС ФМН додаваат дека според новоизлезените информации се повредува студентското право и се злоупотребува терминот студентски, па затоа тие ќе пробаат да дејствуваат за враќање на потребниот студентски оброк, како и дека ќе покренат иницијатива за неправилностте да бидат спречени, а студетскиот глас да биде слушнат.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое студентите од државните и приватните факултети за време на студирањето треба да добијат финансиско олеснување

Извор Радио МОФ