ТЕТОВСКИОТ ИНСПЕКТОРАТ НЕМА ПАРИ ЗА УРИВАЊЕ ДИВОГРАДБИ, А ГОЛЕМ ОБЈЕКТИ И БАРАКИ ЧЕКААТ ЛЕГАЛИЗАЦИЈА

0
17

Општина Тетово уште еднаш на социјалните мрежи се пофали дека отстранува бесправно поставени реклами и други материјали. Акцијата се одвиваше на улиците „Борис Кидрич“, „И.Р.Лола“, како и во Центарот на градот.

„Ослободување на јавни простори, отстранување на нелегални реклами и друго. Оваа акција која е продолжение на досегашните акции ќе продолжи секој ден за повеќе ред, безбедност и закон во нашeтo Тетово“, соопштија од Општина Тетово.

Граѓаните ги поздравуваат ваквите акции, но голем дел од нив сметаат дека тие треба да продолжат низ целиот град, но и да се отстрануваат, односно уриваат и големите дивоградби, кои го узурпураат, особено подножјето на Шара и местата долж патиштата кои водат кон рекреативните места Бањиче и Кале, како и скијачкиот центар Попова Шапка, објави СП.

„Ваквите акции на општината се нешто минимум, од она што треба да се спроведе на терен. А сите знаеме колку дивоградби има и во самиот град, но и на „Шар Планина“. Тие дивоградби на Шара и од градов се гледаат. За нив ниту оваа ниту претходната локална самоправа ништо не презеде. Се грди планината на сметка на неколку поединци. Тие градби, треба одамна да се урнат , но ништо не се презема, вели еден жител на Тетово.

Од Инспекторатот на Општина Тетово, велат дека се свесни за големиот број градби, кои започнале да се градат без никаква документација. Но, за нив не можеме да преземеме ништо, оти голем дел од нив се во постапка за легализација, велат оттаму. Посебно загрижува фактот што се чека легализација за се и сешто, па дури и за бараки.

„Ако им се одбие барањето за легализација тогаш наши екипи ќе излезат на терен да интервенираат. Но и во тој случај не можеме да реагираме веднаш, оти голем дел од нив ќе се жалат на Второстепена комисија и така предметот ќе се одолговлекува. За секоја нова градба која се гради ние реаигираме, за останатите, мора да се водиме според словото на законот. Проблем е што и на бараки им дале бројче да се легализираат, тоа не е нормално, барака да има број за легализација, тоа само во Македонија може да се случи. 30 бараки има што чекаат да се легализираат, вели Абдулгани Алији раководител на Инспекторатот при Општина Тетово.

Тој се пожали дека и како одделение имаат многу малку средства на располагање за уривање на дивоградби. За поголема практичност на нивното одделение, најави и промена на Правилникот за работа на инспекторатот.

„Има на пример правилник за нашата работа. Ако го промениме правилникот ќе имаме право да ја земеме стоката што се продава на диво по тротоари. Сега на пример со постоечкиот правилник, ние немаме право да реагираме кон некого, ако има поставено рампи бесправно, го носиш инспекторот и тој според законот нема право да урива рампи. Јас ќе барам од Советот на Општина Тетово промена на правилникот за бесправно поставени рампи и тезги, да имамо право да преземеме дејствија. Друг проблем е што ние како инспекторат имаме 5 милиони денари на располагање за уривање. Сега ако урнеме два до три објекти, тогаш ќе останеме без денар, и некаде итно ако треба да се урне нешто, јас не би можел да реагирам. За се да урнеш во градот, тоа што бесправно почнало да се гради ти треба 20 милиони евра, но и тоа не можеш да го урнеш, оти се чека постапката за легализација да заврши. Сега за тие градби што се изградени, јас не сум виновен. Таков бил законот за легализација, кој неколку пати се носеше и менуваше и луѓето тоа го злоупотребуваа, рече Абдулгани Алији раководител на Инспекторатот при Општина Тетово.

Од Инспекторатот, додадоа дека изминативе неколку дена интервенирале да се остранат повеќе летни тераси во центарот на градот, на кои им поминал рокот за закуп, а тие во минатото, воопшто не биле остранувани. Рестораните и кафулињата ќе имаат право на летни тераси ако ги исполнат условите, но и ако редовно плаќаат и не узурпираат места, кои се надвор од дадената дозвола за тераса, велат од инспекторатот.

Во Тетово подолг период тапка во место процесот на легализација, а дивоградби никнуваат како печурки. Општината минатиот месец урна две дивоградби на Попова Шапка кои беа во фаза на градба, се пофали градоначалникот Биљал Касами и најави дека ваквите акции ќе продолжат без селективност.

Извор СП