13.000 ЦИВИЛНИ ИНВАЛИДИ, УЧЕСНИЦИ ВО НАТО МИРОВНИ МИСИИ, ЗАБОРАВЕНИ ОД ДРЖАВАТА

Заштита и унапредување на правата на инвалидите од мировните мисии на НАТО, неусогласеност на државната статистика со фактичкиот број на овие луѓе, средување на правната регулатива, како и прашања поврзани со здравствено–психолошката помош, се дел од барањата на Здружението на инвалиди од НАТО мировни мисии на Република Северна Македонија.

Драган Цветкоски член на здружението кој и самиот учествувал во мировните мисии на НАТО, вели дека речиси сите учесници имаат по некоја инвалидност. Некои имаат физички, а речиси сите – психолошки последици.

Во 2022 година, здружението има поднесе барање до Собранието на РСМ за формирање на анкетна комисија заради регулирање на правата и статусот на поголема група граѓани т.е. цивилни инвалиди од НАТО мировни мисии. Но барањето вели тој, стои во фиока.

„Целта на анкетната комисија би била воспоставување на нова категорија граѓани. Под 1 изготвување, односно имплементирање на Закон за инвалиди од НАТО мировни мисии, под 2 изготвување на регистар на НАТО дијагнози , под 3 формирање на лекарска комисија за утврдување на инвалидност кај цивилни лица од НАТО мировни мисии и под 4 остварување на право на инвалидска пензија од НАТО мировни мисии. За пострауматско стресно растројство во нашата држава имаше мерка помош за трето лице, која е укината во 2020 година.Исто бараме само дел од овие законски и подзаконски акти кои се укинати да бидат вратени по старо.Државата да се грижи за инвалидите и за нивните семејства, тоа бараме. Да има соодветен лекарски кадар, кој што би можел да даде соодветна дијагноза, на овој проблем треба системски приод да има. Во Комисија за докажување на инвалидска пензија кога ние бевме на состанокот, во тој момент немаше психијатар, кој може да ја докаже инвалидноста на повредениот“, истакна Драган Цветковски.

Проблем е како што велат од здружението, сериозната разлика помеѓу нашата статистика и државната статистика за бројот на инвалиди учесници во НАТО мировни мисии.

„Во нашето секојдневно работење увидовме дека станува збор за голема бројка, околу 13.000 цивилни инвалиди, имајќи предвид дека речиси секој втор од Куманово има учествувано во овие мисии, а голем дел од нив се имаат здобиено и со различни повреди, како психички така и физички. Меѓутоа, државната статистика, вели дека постојат околу 900, што значи ниту 1.000 инвалиди, бројка која е многукратно помала од она што ние го имаме увидено на терен. Тука неспорна е и стигмата која постои за овие лица, но и помеѓу нас самите, кои не секогаш отворено зборуваме за проблемите, особено здравствените, со кои се соочуваме“, рече Катерина Георгиевска, претседателката на здружението,

Оттаму додадоа дека дел од нивните членови се принудени да живеат со своите повреди повеќе од 10 години, невидливи за државата и нејзините институции и на раб на егзистенција. Се надеваат дека државата ќе има слух за нив, и етапно ќе започне да ги решава нивните барања, во рамки на институциите на системот.

Најголем број од цивилните инвалиди, учесници во НАТО мировните мисии, како што посочија од здружението, се од Скопје Тетово и Куманово.

Извор СП