Викенд-населбата на Попова Шапка за Нова година преполна, туристите се надеваат дека ќе има улично осветлување

0
37

Викенд населбата на Попова Шапка ќе врие од туристи за време на новогодишните празници. Во над 80% од викендичките ќе се чека Нова година, а бројките говорат дека во населбата има до 700 викенд-куќи, објави СП.

Од месната заедница на викенд населбата Попова Шапка, велат дека годинава се задоволни од комуналната хигиена. Тетовските комуналци ја чистат населбата и го подигаат сметот. И тука кај нас како во Тетово уличното осветлување се гаси, но се надеваме дека за Нова година ќе има улично во текот на цела ноќ, велат од месната заедница.

„Во ред е со комуналната хигиена, тоа ни е важно, но лошо е што нема снег за скијачите и за децата, за да му се радуваат на снегот. Но од друго страна, добро е што сега без снег секој со своето возило ќе може да пристигне до викендичка, затоа што претходно имаше проблеми, кога има снег поради неисчистени патишта  не може некој да стигне со своето возило до викендичката. Улично осветлување има, но и во викенд населбата по полноќ се гаси, се надеваме дека сега ќе го пуштат за Нова година, треба да го пуштат, оти ќе има млади, ќе шетаат од една во друга викендичка, ќе има дружење и треба да се пушти“, изјави за „Слободен печат“ Авзи Ризвани од месната заедница на викенд населбата Попова Шапка.

Проблемите во населбата остануваат, особено со лошата патна инфраструктура. Од Општината ни ветија дека приоритет им е да го средат патот, велат од месната заедница на викенд населбата Попова Шапка.

„Имам информации дека им е приоритет да го средат патот, а тие викендички што се за легализација ќе се легализираат. Се работи за 250 викендички кои чекаат легализација, и со тие пари од легализација претпоставувам ќе се помогне да се уреди, односно да се постави нов асфалт на патот, вели Авзи Ризвани, претседател на меснатата заедница на викенд-населбата Попова Шапка.

На Шапка засега нема снег, а за време на новогодишните празници, на први и втори јануари, жичниците ќе бидат пуштени во функција на панорамски прошетки.

Фото: Фејсбук/ Скијачки центар Попова Шапка

„Шестоседата жичница ќе работи од 10:00 до 15:00 часот, а двоседата жичница „Церипашина” од 10:00 до 14:30 часот. Цената на билетот ќе изнесува 250 денари, а билетите можат да се купат на билетара 1 и 2 на паркингот пред хотел „Попова Шапка”, информираа од скијачкиот центар Попова Шапка.