Во Тетово блокатори и „пајак“ за секој што паркира на јавна површина

0
19

Секој кој што паркира на било која јавна површина во Тетово, возилото ќе го најде со блокатор, или истото ќе биде подигнато од Пајак службата. Ова се само дел од новитетите кои денеска ги објави ЈП „Градски Паркинг“ Тетово.

Оттаму најавија и блокатори за возилата кои се паркираат во таканаречени двојни редови на сообраќајниците. Но за нив, казните нема да започнат уште денес.

Најпрвин месецов возачите ќе се опоменуваат, се со цел со новитетите да се запознаат сите.

„Ќе гледаме од месесов да не казнуваме веднаш, оти можеби некој не е информиран и не е убаво да го казниш и затоа е оваа пресс конференција, да се запознаат граѓаните. Цел декември ќе известуваме, опоменуваме и слично. Да им објасниме дека таква девијација ќе се казнува, односно човекот платил на зонско паркирање и сега некој се паркирал на двојната лента заминал на кафе и му го блокирал патот на тој што платил. Новитет е и поставување на блокатори и подигање на возилата кои се паркирале на јавни површини, тука спаѓаат: сервисните и станбени улици на територијата на општина Тетово, тротоарите, јавните паркиралишта, пешачките и велосипедските патеки, плоштадите, кејовите, пазарите, улични тревници, паркови, рекреативни и други неуредени површини. ЈП “Градски Паркинг”- Тетово ќе бара асистенција од сообраќајната полиција за време на поставувањето на блокатори и отстранување на возилата од места што не се наменети за паркирање, изјави Игор Додевски директор на ЈП „Градски Паркинг“ Тетово.

Од претпријатието најавија и воведување на доплатен билет, за тие што го пречекориле времето за паркирање, на кои досега им се ставаа само блокатори.

„Доколку корисникот на паркинг местото го пречекори предвиденото време за паркирање, а не го продолжи користењето на паркинг услугата, како и во случај на паркирање на возила на места предвидени за паркирање на возила на лица со посебни потреби, од страна на лица кои не спаѓаат во оваa категорија, прави повреда на условите за користење на паркинг местото, за што е должен да плати доплатен билет. Налогот за плаќање на доплатниот билет го издава контролорот. Висината на доплатниот билет се утврдува во Тарифникот на ЈП “Градски Паркинг” – Тетово и ќе изнесува 1.500 ден. Ако истиот се плати во рок од 24 часа од денот на издавање, ќе се плати само половина од вредноста, односно 750 ден“, изјави Игор Додевски, директор на ЈП градски паркинг Тетово.

Од ЈП Градски Паркинг Тетово, се пофалија дека како претпријатие обезбедиле 300 нови паркинг места, а од наредна година една од двете ветени катни гаражи ќе започне да се гради на локација кај градскиот пазар.

 

СП