ИЗВЕСНА ИВАНА ПО КАФЕАНИ НАРАЧУВА ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ ВО ИМЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

0
19

Општина Ѓорче Петров информира дека извесна Ивана во име на Општината и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалоци, наводно за општината и градоначалникот.

-Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура, нагласуваат од Општината.

Од таму додаваат дека се преземени дејствија од страна на Општина Ѓорче Петров во однос на прибирање на сите докази и пријавување на случајот до надлежните органи.

-Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги. Целосно се оградуваме од постапките на лицето и апелираме до угостителските објекти да не подлегнуваат на измамата. Доколку се соочат со истата бараме да бидеме веднаш известени на контакт бројот во Општина Ѓорче Петров, 02 20/44-411, или на kontakt@opstinagpetrov.gov.mk, како и да го пријават случајот во полиција, соопштуваат од таму.