ТАРАВАРИ: АМЕРИКАНСКИОТ ТИМ ЌЕ ГОНИ СЕГАШНИ , НО И ФУНКЦИОНЕРИ ОД ПРЕТХОДНИТЕ ВЛАСТИ

0
21

Неказнивоста на корупцијата на високо ниво преку партизација на правосудниот систем е главната причина за растечката корупција во нашата земја, посочи в.д. претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, зборувајќи на прес конференција на тема корупција во земјата.

Северна Македонија, наместо да бележи напредок во борбата против корупцијата за да се приближи на стандардите на земја со европско владеење на правото, банкротира и дезертира од светската борба против корупцијата, дополни Таравари.

„Во текот на овие години добивме дури и нови официјални епитети, достојни за автократии во светот, како „заробена држава“ според Европската комисија или „хибриден режим“ според Фридом хаус. Според индексот на Транспаренси Интернешнл во 2007 година, во борбата против корупцијата бевме на 84-та позиција во светот. Денес се наоѓаме на 87-ма позиција, додека во текот на последните 5 години ги имаме соборено рекордите пристигнувајќи до 111-та позиција, покрај земји како Монголија во Источна Азија или Етиопија во Источна Африка“, изјави Таравари.

Тие што раководат со главните институции во земјата, кои се гаранти на демократијата, даваат пример дека судија и обвинител може да се поткупи, да се заплаши и да се упатува да го попречи спроведувањето на законот. Тогаш што очекуваме од другите во една земја којашто е меѓу најсиромашните во Европа, запраша Таравари.

„Значи, борбата против корупцијата во нашата земја би добила смисла само ако на судството му направиме шок терапија и сите, се заложиме за поставување на правна држава, рече Таравари.

Тој се надева дека американскиот тим кој го најави американската амбасадорка, ќе ги катализира процесите на корупција и ќе се гонат функционери, не само на оваа туку и на минатите власти.

„Се надевам дека оваа американска екипа ќе ги катализира процесите на корупцијата и функционирање на правната држава во нашата земја. Јас тоа го слушам директно од американската амбасадорка, не е оваа акција само за сегашните функционери, туку и за сите, така да јас мислам дека треба да се делува и да има конкретни чекори. Реков американската екипа сигурно нема да биде дел од егзекуцијата, туку ќе катализира, а катализаторите секогаш помагаат, така да има повеќе процеси за кои што сите ги знаеме и не говориме. Се надевам дека тие ќе излезат на површина и македонското судство ќе преземе одредени чекори, да се ефектуираат одредени предмети кои се јавни, рече Таравари.

Дополни дека Алијансата за Албанците ќе се ангажира да донесе пакет за владеење на правото и бескомпромисната борба против корупцијата, преку донесување на Законот за ветинг, Закон за Канцеларија за стекнување на имот, законски пакет за морални совети за јавниот живот и удвојување на јавните инвестиции во судството, во јавното обвинителство и во институциите надлежни за спречување на корупција.