Пациентката Наумовска сѐ уште моли по болничките ходници да ѝ стават вештачки колк и протези за да прооди

0
19

Виторе Наумовска од тетовско Непроштено се` уште моли по болничките установи да и` биде поставен вештачки колк и потребните протези за левата нога, откако во 2019 година и беа хируршки остранети во „ГОБ 8 септември“ во Скопје, поради дотраеност, односно поминат рок.

„Слободен печат“ пред три месеци објави сторија за Наумовска која едвај се движи со помагала. Таа се пожали дека болниците или не се нафаќаат да ја оперираат или се правдаат дека немаат материјал.

Од Фондот за здравство уште тогаш добивме одговор дека на болницата „8 септември“ ѝ е зголемен годишниот надоместок за 49 милиони денари (околу 800.000 евра), пари со кои може да се спроведе јавна набавка за протезите.

Но и сега по три месеци Наумовска од „ГОБ 8 септември“ го добила истиот одговор, дека немаат пари да набават протеза. Се надева дека од Клиничкиот центар ќе и помогнат да застане повторно на нозе.

„Јас откако преку медиумите го видов одговорот од Фондот за здравство дека е зголемен годишниот надоместок на „ГОБ 8 септември“ отидов неколку пати до оваа болница да ги прашам дали ќе набават материјал, како што најавија и од Фондот. Но, од болницата ми одговорија дека имаат голем долг којшто мора да го покријат и нема да имаат пари да ги набават потребните материјали. Потоа овој понеделник отидов во државната болница и таму ме чуваа цела вечер, оти не беа дојдени на работа дел од раководството. Кога дојдоа ми рекоа дека имаат материјал, но не ми дадоа прецизен одговор дали ќе ме оперираат. Ми рекоа дека не знаат кој доктор ќе се нафати да ме оперира, оти ногата била без материјал три години и била комплицирана операцијата. Таа нога била три години без материјал, оти имаше пандемија и докторите одбиваа да ме оперираат поради ковидот и немањето материјал. Сега чекам дали ќе ми се се јават од државната болница, да видам дали ќе ме оперираат, оти вака сум практично без нога“, рече Наумовска.

Извор СП