Татко со кујнски нож се обидел да го убие синот оти не го почитувал

0
14

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 46-годишен осомничен за кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. На 14 јануари, во работна просторија – кујна на ресторан во Скопје, на улицата „Кирил Пејчиновиќ”, осомничениот извршил семејно насилство и со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот син.

По кратка вербална расправија, за која причина биле претходно нарушени меѓусебни односи, осомничениот зел кујнски нож и му нанел три убодни рани на оштетениот во пределот на стомакот, десната подлактица и грбот, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Во намерата да го изврши убиството го спречил сведок, кој му помогнал на оштетениот и го пренел во болница. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, односно дека ќе го доврши обиденото кривично дело.

Тој и во дадениот исказ пред јавниот обвинител признал дека во критичниот момент одлучил „да го реши оштетениот”, односно да го лиши од живот, и дека се надева во иднина оштетениот да разбере дека треба да го почитува својот родител или повторно може да се случи истото.

Полициски службеници од Полициската станица Бит пазар вчера на улицата „Решад Џафери” го лишиле од слобода А.С.(46) од Скопје, кој се сомничи дека во неговиот угостителски објект на Бит пазар со нож му нанел повреди на неговиот син В.С.(22).

Како што информираат од МВР, повредениот бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски” за укажување помош.

Полициски службеници извршиле увид и ножот бил пронајден и одземен, а лицето вчера беше задржано во полициска станица.