Гаши лут на Ковачевски: Брутално го раскинаа политичкиот договор со нас

0
16

Алтернатива ја напушта владината коалиција и нејзините тројца пратеници во Собранието ќе дејствуваат како опозиција.

Ова вечерва го соопшти првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши, по состанокот на Ценралното собрание на партијата на кое донеле одлука за напуштање на владиното мнозинство.

И покрај тоа што премиерот Димитар Ковачевски до Собранието достави предлог за разрешување на тројцата министри и двајцата заменик-министри од редовите на Алтернатива, чие место ќе биде пополнето со кадри на новиот владин партнер Алијанса за Албанците, се очекуваше официјалната одлука и на партијата на Гаши.

На прес-конференцијата по состанокот на партискиот врв во Тетово, Гаши изјави дека нивните довчерашни партнери ја поминале и последната етичка линија со тоа што не дозволиле Алтернатива да се произнесе околу нејзината одлука за останување во власта, пред да биде поднесен предлогот за разрешување на нивните министри.

„Ова говори многу, за жал, говори лошо, за нив и не само за нив како партија, како субјект на кој не му е гајле за раскинување договори и не ги почитува оние што му го спасија животот, туку ова говори многу лошо и за земјата која цели кон европските вредности. Ако СДСМ оцени дека европските стандарди се кршење на договорите, ова е многу лоша вест за Северна Македонија, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Гаши во своето обраќање се осврна на периодот од јануари 2022 година, кога Алтернатива одлучи да му се приклучи на владејачкото мнозинство. Тогаш, вели Гаши, неговата партија постигнала политички и кадровски договор со тогашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, кој потоа бил прифатен и од актуелниот претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.

„Иако точките од тој договор беа спроведени од наша страна, за жал, другата страна не го спроведе ниту политичкиот ниту кадровскиот договор, а на крај, тие еднострано, речиси брутално, го раскинаа договорот и решија да го раздвојат патот со нас, вклучувајќи друга партија во парламентарното мнозинство, рече Гаши.

Лидерот на Алтернатива додаде дека и покрај тоа што неговата партија заминува во опозиција, таа ќе биде посветена на нејзините идеолошки определби и на европскиот пат на земјава. Додаде и дека доколку прашањето за уставни измени стигне во Собранието, тројцата пратеници од оваа партија ќе гласаат „за“.

Алтернатива има тројца пратеници во Собранието – Африм Гаши, Хусни Исмаили и Сафије Садики Шаини. Четвртиот пратеник од оваа партија Скендер Реџепи дејствува независно во парламентот.

И покрај тоа што премиерот Ковачевски до Собранието достави предлози за разрешување на актуелните министри и заменик-министри од редовите на Алтернатива, вчера од СДСМ порачаа дека оваа партија и натаму е добредојдена со свој придонес во европската коалиција.