ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ТЕТОВЦИ НЕ СЕ СОГЛАСУВААТ СО ИДЕЈАТА НА ОПШТИНА ТЕТОВО, НАД РЕКАТА ПЕНА ДА СЕ ГРАДАТ ЛЕТНИ ТЕРАСИ

0
21

Поголем дел од граѓаните кои ги анкетираше „Слободен печат“ се против идејата на Општина Тетово да гради летни тераси над реката Пена, кои ќе бидат наменети за угостителските објекти.

Тетовци сметаат дека локалните власти повеќе внимание треба да обрнат на хигиената на речното корито, кое треба поредовно да се чисти.

„Треба да се вложи повеќе во хигиената на самата река оти таа треба да биде бисер на градот, а не низ неа да „плива“ разен смет и фекалии. Каков ќе биде тој поглед од летните тераси?, првин да имаме чиста река, тоа треба да биде приоритет, па потоа може да се размислува за летни тераси“, вели еден тетовец.

Дел од граѓаните сметаат дека за такви тераси воопшто не треба да се размислува оти реката Пена знае да биде „дива“ со висок водостој, особено во пролетниот период може да надојде и да ги урне за миг тие летни тераси.

„Се работи за планинска река која е брза и дива, како ли помислуваат да се градат такви тераси, па ние имаме искуство со силината на оваа река, чија вода се излева и по стотици метри надвор од речното корито, а општината сака да гради тераси над самата река, тоа се непотребни работи, треба да се мисли за граѓаните, а не за угостителите“, додава друг тетовец.

Инаку Општина Тетово преку физибилити студија на јавна дебата предложи над реката Пена да се изградат летни тераси, кои ќе ги користат рестораните и кафулињата.

На тој начин како што изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами, кејот ќе добие поубав лик, а угостителството во тој дел на градот ќе се развие.

Смета дека одлуката ќе наиде на одобрување од граѓаните, а советот на општината ќе ја изгласа.

„Сето ова е во делот на ослободување на јавните површини покрај самата река кои досега ги изнајмувале угостителските објекти, а од друга страна со летните тераси над реката ќе се добие естетика, но и економски бенефит на кафулињата. Концептот е самите инвестори да ги изградат јавните тераси, а откако ќе се врати инвестиција тие ќе плаќаат комунална такса“, истакна неодамна градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами.

ИЗВОР СП