ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ ОД ТЕТОВСКО ЦЕЛ МЕСЕЦ БЕЗ ИНСУЛИН

0
17

Душко Игневски од Тетово кој со децении е на инсулинска терапија, три недели не го зел потребниот лек. Не памети ваква криза за инсулин.

Со пенкалата кои живот значат, вели дека дијабетичарите се позајмуваат, но на сите веќе им снемува залихи.

Чуваме по некоја резерва, оти знаеме дека се доцни со терапијата, но сега веќе и таа е потрошена, аптеките речиси еден месец се без инсулин, вели Игневски.

Од Министерството за здравство, велат дека недостасува само еден тип инсулин, а во меѓувреме е распишан јавен повик за обезбедување нови количини инсулинска терапија.

„Станува збор за само еден тип инсулин (од вкупно 26) од кој неодамна се потрошени количините, но за истиот инсулин има аналог на таа генерика, така што пациентите на инсулинска терапија се соодветно покриени со аналогот. Сите други типови инсулин се на располагање во доволни количини во инсулинските аптеки, соопштија од Министерство за здравство.

Игневски изјави дека речиси сите типови на инсулин ги нема во аптека.

Вели дека во Здружението на дијабетичари Тетово кое брои над 4.000 пациенти со инсулинска терапија, секој ден пристигаат поплаки. Се работи за голем број пациенти кои си имаат мака и нивното здравје секојдневно се нарушува.

Потребната терапија недостасува и во повеќе градови во земјава, каде има над 44.000 пациенти кои примаат инсулин.